МАЕИ: Фрапантно е што и во 2026 година, во Бугарија, се емитуваат емисии кои отворено ги негираат Македонците во Албанија

Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) со згрозеност и револт реагира на срамната пропагандна емисија „Студио Actualno Балкани“ и настапот на Ервис Талури, претставник на т.н. Друштво за бугарско-албанско пријателство, структура која одамна нема ништо заедничко со пријателство, а со манипулација, асимилација и криминал.

Фрапантно е што и во 2026 година, во земја членка на Европската унија, се емитуваат емисии кои отворено ја негираат македонската нација, ги навредуваат Македонците во Албанија и со леснотија ја оцрнуваат единствената автентична македонска политичка партија во државата, Македонската алијанса за европска интеграција.

Во животинскиот свет одамна е познато дека при вкрстување на кобила со магаре се раѓа муле. Науката тоа го има јасно дефинирано. Но, очигледно, според новата „бугарска теорија“, од брак на Албанец и Македонка, по потреба и по политички налог, може да се „произведе“ Бугарин. Ова не е ниту наука, ниту историја – ова е идеолошка алхемија во служба на асимилацијата.

Ервис Талури, роден и израснат во Албанија, од татко Албанец и мајка Македонка, по целосно школување, финансирано и организирано од бугарската држава – од средно образование до докторски студии – денес се враќа во Албанија како „експерт“ за бугарско малцинство, со задача да ги негира Македонците, да ја напаѓа македонската партија и да ја релативизира вистината.

Но јавноста мора да знае: зад оваа пропаганда стои добро организиран механизам. Друштвото за бугаро-албанско пријателство со години е поврзано со бизнисот со бугарски пасоши, каде од албански граѓани се наплаќаат илјадници евра за „докази за потекло“, лажни потврди и посредување. Овој криминален модел не е тајна – за него имаше апсења и во самата Бугарија и Албанија, а дел од инволвираните лица завршија и на меѓународни црни листи.

Истите тие структури одиграа клучна улога и за време на пописот во Албанија, кога преку притисоци, вработување „свои“ попишувачи и директно влијание во локалните самоуправи се спроведе класичен пописен инженеринг во областите каде што живеат Македонците.

Обидите на Ервис Талури да ја минимизира улогата на МАЕИ и да го дискредитира нејзиниот претседател се бедни и провидни. Македонската алијанса за европска интеграција не постои за „општествена бучава“, туку затоа што постои македонска заедница во Албанија – историски факт што не може да се избрише ниту со емисии, ниту со пописи, ниту со пасоши.

МАЕИ јасно порачува: нема да замолчиме, нема да се исплашиме и нема да се асимилираме. Колку повеќе не напаѓаат, толку појасно станува дека вистината е на наша страна.

Жалиме што Бугарија, и покрај членството во Европската унија, сè уште не ја прифаќа реалноста дека македонската нација постои како историски факт. Но тоа одбивање не е наш проблем, тоа е нивен товар.

Правдата можеби доцни, но е неизбежна. И кога ќе дојде, нема да прави разлика меѓу пропагандисти, посредници и нивните политички покровители.

Македонската алијанса за европска интеграција ќе остане бедем на македонскиот идентитет во Албанија, без страв, без комплекси и без дозвола од никого.