МАЕИ и Патриотското друштво од Скопје со хуманитарна акција по повод Василица – поделени пакетчиња за децата во Корча и Пустец

Фото: Македонска алијанса за европска интеграција

Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), во соработка со Патриотското друштво од Скопје, Македонија по повод Старата Нова година – Василица, реализираше хуманитарна акција со доделување новогодишни пакетчиња за децата од македонско потекло во Корча и во Општина Пустец.

Во Пустец, пакетчињата беа поделени во Основното и средното училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиефски“. Во име на МАЕИ, пакетчињата ги подели Атанас Плоча, заменик-градоначалник на Општина Пустец, кој во својата изјава истакна дека ваквите активности имаат посебно значење за зачувување на македонската традиција меѓу најмладите.

Фото: Македонска алијанса за европска интеграција

„Посебно ми е драго што по повод Старата Нова година – Василица, заедно со МАЕИ и Патриотското друштво од Скопје, успеавме да им приредиме мал празник на нашите деца. Радоста во нивните очи е најголемата потврда дека ваквите акции се потребни и значајни“, изјави Атанас Плоча, додавајќи дека МАЕИ и понатаму ќе продолжи со активности насочени кон поддршка на македонската заедница во Албанија.

Од МАЕИ информираат дека акцијата ќе продолжи и во областа на Голо Брдо, каде исто така ќе бидат поделени пакетчиња за децата од македонско потекло, со цел празничната радост да стигне до што повеќе семејства.