
Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) упати честитка до премиерот на Република Албанија, г. Еди Рама, по повод неговиот повторен избор на функцијата претседател на Советот на министри на Албанија.
Во честитката, потпишана од претседателот на партијата Васил Стерјовски, се нагласува дека ова е нов мандат на доверба што граѓаните на Албанија му го дадоа на премиерот Рама да продолжи да ја води земјата кон развој и европска интеграција.
„Македонската заедница во Албанија, како неразделен дел од албанското општество, ги цени чекорите преземени од Вашата влада за унапредување на правата на националните малцинства, вклучувајќи го и македонското малцинство. Убедени сме дека за време на вашиот нов мандат, овој процес ќе се продлабочи уште повеќе, обезбедувајќи целосно почитување и застапеност на малцинствата во согласност со европските стандарди,“ се наведува во честитката на МАЕИ.
Партијата дополнително изразува надеж дека владата ќе продолжи да инвестира во областите каде што живее македонската заедница, особено во инфраструктурата, образованието, културата и економскиот развој, со цел подобрување на животот на граѓаните и зачувување на македонскиот национален идентитет.

На крајот, Македонска алијанса за европска интеграција му посакува на премиерот Еди Рама понатамошни успеси во неговата благородна работа за развој на Албанија и зајакнување на демократијата, на патот кон членство во Европската Унија.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden