Мајсторите Македонци од Мала Преспа ги извршиа градежните работи во храмот “Свети Апостол и Евангелист Лука“ во Виница

Вчера во Виница во присуство на голем број православни верници од Виница и соседните општини, се освети новоизградениот православен храм “Свети Апостол и Евангелист Лука“. Со светата архиерејска литургија чиноначалствуваше архиепископот г.г. Стефан во сослужение со митрополитите г. Иларион и г. Агатангел. Ден пред денешното осветување, на празникот “Света првомаченичка рамноапостолка Текла Икониска“, вечерна и света архиерејска литургија богослужеше митрополитот брегалнички Неговото Високопреосвештенство г. Иларион.

Изградбата на храмот “Свети Апостол и Енвангелист Лука“ во Виница започнала на 31 октомври 2011 година. Храмот е изграден со донации од верниот православен народ од градот Виница и со голема донација од Горан Ангелов и неговото семејство. Градежните работи се извршени од фирмата “Дама 2“ од Виница и тајфата на мајстори Македонци од село Шулин, општина Пустец, Мала Преспа. Фрескоживописот е насликан од зографи од Јагодина, Србија. А, иконите на иконостасот се изработени од сестринството при манастирот “Свети Леонтиј“ од Водоча, струмичко.

На осветувањето присуствуваа ктиторот Горан Ангелов со семејството, градоначалникот на градот Виница Емил Дончев и делегација на Светскиот Македонски Конгрес предводена од претседателот Тодор Петров. Свети Апостол и Евангелист Лука според житието е роден во градот Антиохија, Сирија, во првиот век по Христа. Но, на повеќе места се вели дека потекнува од Македонија од градот Филипи, поради што Светиот Апостол Павле го повел со себе на второто мисионерско патување, кога на повик од човек Македонец, во видението што го имал Павле во Тројада, апостолите поминале од Азија во Европа и дошле во Филипи, Македонија. Сите свети отци, црковни учители и библисти тврдат со сигурност дека Свети Лука не бил Евреин, туку незнабожен. Родителите на Свети Лука поради трговија се преселиле од Филипи, Македонија во Антиохија, Сирија. Свети Лука во својата младост добро ја изучил филозофијата, медицината и живописот. Во време на дејноста на нашиот Спасител Господ Исус Христ на земјата, Свети Лука дошол во Ерусалим каде што се сретнал со Спасителот лице в лице. Ја слушал неговата спасоносна наука и бил сведок на чудата кои ги вршел Господ Исус Христ.

Иако Свети Лука поседувал солидно образование, разбрал дека божествената мудрост и знаење кои ги стекнал од своите контакти со Спасителот, ни од далеку не може да му ги пружат науките што претходно ги изучувал и знаел. Кога поверувал во Господ, Свети Лука бил вброен во седумдесетте апостоли. За време на распнувањето на крстот на Господ Исус Христ, Свети Лука се наоѓал во Ерусалим и неговата неизмерна жалсот по Спасителот брзо била претворена во радост кога лично го видел воскреснатиот Исус, заедно со Клеопа на патот за Ерусалим.

По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Свети Лука се вратил во Антиохија каде веќе имало голем број на христијани. Таму тој станал соработник на Апостол Павле со кого патува за Рим обраќајќи ги во верата Христова, Евреите и незнабожните. За премин од Азија во Европа, на Апостол Павле му бил потребен човек како што бил Свети Лука, Македонец, кој добро го познавал менталитетот на својот народ и го познава теренот каде треба да се оди. Во градот Филипи била изградена првата црква во Европа што ја основал Свети Апостол Павле. Таа била неговата најсакана црква. Свети Лука на молба на христијаите го напишал третото Свето Евангелие околу шееста години. По маченичката смрт на големиот Апостол Павле, Свети Лука го проповеда Евангелието околу шеесеттите години по Италија, Далмација, Македонија и други земји. Ја живописал иконата на Пресвета Богородица и тоа не една, туку три. Исто така и иконата на Апостолите Петар и Павле. Свети Лука се смета за основач на христијанското иконопиство. Во својата сстарост ги посетил Ливија и Горен Египет. Свети Лука освен третото Свето Евангелие ја напишал и библиската книга Делата на Светите Апостоли. И двете ги посветил на Теофил, кнезот на Ахаја.

Имал 84 години кога злобните идолопоклоници го ставиле на маки поради Христа и го обесиле на една маслинка во градот Тива (Теба Беотиска). Чудотворните мошти на овој наш закрилник и молитвеник пред Бога биле пренесени во Цариград за време на царот Констанциј, синот на Константин. Денот на празнувањето на Свети Апостол Лука е 31 октомври по новиот календар.