Македонците од Бугарија го поздравија писмото на министерот за правда Лога (ВИДЕО)

Здруженијата на Македонците во Бугарија позитивно гледаат на дописите кои министерот за правда Кренар Лога ги испрати до меѓународната заедница, а во кои бара официјална Софија да ги почитува пресудите од судот во Стразбур.

Во дописот кој од министерството за правда информираа дека е испратен заедно со 14-те пресуди посочено е дека министерството бара поддршка во делот на унапредување и заштита на човековите права.

Стојко Стојков, од ОМО Илинден Пирин, вели дека на овој начин Македонија застанува зад Македонците во Бугарија, и се дава дополнителна тежина на борбата за почитување на нивните права, нешто што како што вели, требало да се случи одамна.

Мислам дека неговите дејствија, од една страна се за пофалба, а од друга треба да служат како пример, но и да засрамат повеќе македонски министри кои воопшто не се интересираат за состојбата на Македонците во Бугарија. Добро е што го направи затоа што тоа дава и поголема тежина на сите овие случаи. Еве сега и Македонија застана зад тоа. Нешто што требаше да го направи пред најмалку 20 години, – Стојко Стојков – ОМО Илинден Пирин.

Стојков вели дека иако Бугарија низ годините има изградено државна позиција за правата на Македонците, на овој начин очекува да се зголеми притисокот врз официјална Софија која е под мониторинг од Советот на Европа.

Нашите очекувања се дека тоа ќе придонесе уште повеќе да се зголеми притисокот врз Република Бугарија. Таа веќе е пред огромен притисок бидејќи има засилен мониторинг во Советот на Европа по нашите случаи во Стразбур, и тоа е сега уште еден притисок плус. И се надеваме дека, очекуваме во месеците и годините кои доаѓаа, конечно ова ембарго за регистрација на македонски регистрации во Бугарија да падне. И да може како сите нормални луѓе и ние да си имаме свои организации. — Стојко Стојков – ОМО Илинден Пирин.

Бугарија до сега има 14 пресуди од судот во Стразбур со кои се бара бугарските власти да дозволат регистрација на македонски здруженија. Но, ниту една од тие пресуди не е спроведена, иако во повеќе наврати тоа било побарано од нашиот источен сосед. Адвокатот Тони Менкиновски, кој пред судот ги застапува здруженијата минатиот месец посочи дека Бугарија најдоцна до септември треба да ги спроведе пресудите, во спротивно би можела да се соочи со исфрлање од Советот на Европа.

Advertisement