Прослава на Ѓурѓовден во село Стеблево, Голо Брдо
Овој празник освен Македонците со православна вероисповед од Мала Преспа, Врбник и Голо Брдо традиционално го прославија и Македонците со исламска вероисповед од Голо Брдо и Гора. За Ѓурѓовден во Мала Преспа, имаше организирани прослави во селата Шулин, Глобочени и Долна Горица. Во областа Гора прослава се организираше во село Шиштавец, каде се одржа и трка со коњи, додека во областа на Голо Брдо, Ѓурѓовден организирано се славеше во село Стеблево
Во Шиштеец, областа Гора младите со народна носија за Ѓурѓовден
На Ѓурѓовден во Мала Преспа, Врбник, Гора и Голо Брдо се изведуваат многу обичаи сврзани со овој празник. Почнуваат на 5 мај пред зајдисонце кога сите млади и постари одат по ливадите и бавчите каде берат гранчиња /потки/ и цвеќиња, ги носат дома каде ги закитуваат портите, влезната врата на куќата, трлата, плевните, се за здравје и во чест на доаѓањето на Пролетта.
Отец Алексо Темелко литургија во црквата Св.Ѓорѓија во село Долна Горица, Преспа
Според верувањето потките ги штитат куќите од разни опасности а нивите и родот од несреќа. Во некои места еден боз се става пред куќата пред влезната врата и утрото на Ѓурѓовден секој кога ќе стане и излегува надвор стапнува на бозот за здравје.
Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во народот познат како Свети Ѓорѓија живеел и пострадал за време на безбожниот римски цар и идолопоклоник Диоклецијан (284 – 305 година), во чие време се вршело прогонство и убивање на христијаните.
Свети Георгиј, син на набожни родители и добар Христов војник завршил воена школа и бил на служба кај овој цар. Во својата 20-та година го добил чинот трибун, воен старешина и царски пратеник. Знаејќи дека заради верата во Христа набргу ќе настрада, по смртта на својата мајка го раздал имотот на сиромашните, а робовите ги ослободил. Тој не можел да ја поднесе неправдата. Храбро застанал пред царот, кнезовите и сенаторите и изјавил: “Слуга сум на Христ, мојот Бог… До кога ќе ги гоните и мачите тие невини луѓе и ќе ги принудувате на вашето безумно безбожје. Идолите ваши не се богови, не се! Христ е единствениот Бог!”
Царот наредил Свети Георгиј да биде фрлен во затвор, изложен на најтешки мачења. Во жестоката борба меѓу доброто и злото – победа му подари, издржа натчовечки мачења и стана Победоносец, за да сведочи пред светот дека љубовта, побожноста и верата се посилни од се’!
Пострадал на 23 април / по нов стил на 6 мај 303 година, кога во негова чест се слави празникот Ѓурѓовден. На иконата Свети Ѓорѓија е претставен како војвода на коњ како со копје убива ламја, под копитата на коњот. И според легендата Свети Ѓорѓија ја убил ламјата што на народот му правела голема штета.