Македонија: 211 години затвор за 16-те обвинети за настаните во Собранието од 27 април

Во Кривичниот суд во Скопје денеска е објавена пресудата за 17-те преостанати, од првично 33 обвинети за насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, познат во јавноста како „27 април“.

Судијката Добрила Кацарска обвинетите ги прогласи за виновни кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и ги  изрече следните пресуди за обвинетите: Митко Чавков -18 години затвор, Душко Лазаров -15 години затвор, Горан Ѓошевски-Леви -15 години затвор, Митко Пешов -15 години затвор,  Оливер Поповски – 13 години затвор, Мунир Пепиќ -15 години затвор, Абдуљфета Алими -7 години затвор, Оливер Радулов -10 години затвор, Јане Ченто -15 години затвор, Игор Југ -12 години затвор,  Александар Василевски-Нинџа -8 години затвор, Никола Митревски-Кољо -15 години затвор, Младен Додевски -12 години затвор, Горанче Ангеловски -12 години затвор, Влатко Трајковски -15 години затвор и Вилијам Михајловски -14 години затвор, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.

Обвинетиот Игор Дурловски е ослободен од обвинението, неговото дело не е докажани од јавниот обвинител. Обвинителката предложи продолжување на мерката притвор за осудените Митко Чавков, Јане Ченто, Игор Југ, Младен Додевски Влатко Трајковски, бидејќи според неа постои опасност од бегство. За преостанатите за кои е изречена затворска казна е побарано определување мерка притвор до правосилност на пресудата. Судскиот процес почна во август минатата година и е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт. Но, по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица.