Македонија: Барселона – Вардар 27 – 29 

Во својот трет настап на Ф4 турнирот во Келн, по вторпат ќе се бориме за титулата во ЕХФ Лигата на шампионите. Во полуфиналето го победивме големиот ривал Барселона со 29-27 (9-16). Во утрешното финале од 18 часот часот ќе играме против Веспрем.

Дојдовме без притисок на овој Ф4, пласманот меѓу четирите најдобри е само потврда за нашиот квалитет, посветеноста и пред се борбеноста што ја покажавме сезонава. Финалето е како шлаг на тортата. За нас нема загубен меч, противник што неможе да се победи, ситуација во која немаме решение.

Лошата реализација и немањето подолга клупа беа причината поради која не успеавме во првото полувреме да одржиме резултатски чекор. Почнавме добро, но потоа противникот уфрлаше измени многу често, што повеќе наликуваа на хокејски отколку ракометни, со свежи ракометари. Така држеа високо темпо, цврста игра во одбрана.

„Црвено-црните” играа добро, но проблем беше што имаа доста не реализирани акции. Доаѓавме во ситуација да постигнеме гол, но тогаш или гостинскиот голман бранеше или ние промашувавме. Слабата концентрација на моменти придонесуваше да имаме и доста технички грешки. Дејан Милосављев ја потврди класата што ја поседува и зошто беше избран во иделаниот тим на сезоната во ЛШ. Имаше 13 одбрани, повеќе од бројот на постигнати голови на „црвено-црните”. Заминавме со негатива од 9-16 на полувреме.

Продолживме со слична игра, борбено, но проблем беше да се реализира. Акциите течеа, стигнуваме до позиција за погодок, но ни недостасуваше концентрација, а некогаш и малку среќа во тие моменти. Барселона во 40 минута водеше со 22-15, одржувајќи ја предноста што и носеше сигурна завршница. Некои не веруваа дека Вардар може да се врати. Но, „црвено-црните“ одново покажаа дека се „луда екипа“.

Вардар си продолжи со својата игра. Не не интересираше негативата, туку пред се играта. Од „минус седум” дојдовме до 22-25 во 49 минута. Ја вративме неизвесноста, на теренот и трибините. „Црвено-црните” пак беа во налет, покажаа дека не гледаат кон семафорот туку само на теренот. На 10 минути до крај имавме само „минус 3″ што ни носеше повторно шанса да ја „свртиме играта”. Одбраната беше онаа што ја знаеме, агресивна без пукнатини, нападот прецизен. Ништо не е готово. Барем така беше на теренот.

Во 52 минута се жалевме на сомнително досуден пенал, а Барселона истиот го промаши. Голем мотив да продолжиме со исто темпо. Криштопанс беше човекот што беше незадржлив. Изнуди исклучување и тој пенал Иван Чупиќ го реализраше и намаливме на 24-26, а остануваа уште 6,5 минути, неизвесност. Се беше можно, барем според играта. Одбраната повторно феноменална, со уште одбрана. А Криштопанс намалува на 25-26. А Рожерио Мораеш донесе дилириум кога израмни на 26-26 во 57 минута.

Милосављев има уште една одбрана, а Вардар шанса за прво водство. Против Криштопанс се игра и многу грубо, а одбраната на Барселона не се штеди. Судиите побраа проверка на снимката, и му доделија црвен картон на Дош Сантос. Веќе ни е отворен патот кон финалето, само треба да издржиме. Овие момци се спремни на уште еден голем успех.

Игор Карачиќ во еден напад го повредија откако постигна гол за водство 27-26 за Вардар. Тој завршува покрај аут линијата со лекарскиот тим, а во следниот напад Барселона не реализираше, но Вардар ја освои топката. Времето се намалува, Даинис Криштопанс е незадржлив и постгнува гол за водство 28-26. Во последната минута веќе шампионот беше познат, рацете во вис, навивачите во дилириум и сите со песна кон ново финале. Вардар – Барселона 29-27.

Advertisement