Македонија дел на Лигата на Нациите проект на УЕФА

Преостануваат само уште две седмици од почетокот на новиот проект на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), наречен „Лига на нации“. На истиот ќе учествуваат сите 55 нејзини членки, ќе бидат поделени во четири квалитативни групи (Лига А, Лига Б, Лига Ц и Лига Д) и во суштина треба да замени најголем дел од пријателски средби, но ќе има и натпреварувачко значење, бидејќи преку неа се планирани четири места на следното Европско првенство.

Победниците од групите во Лига А ќе играат фајнал-фор, додека пак победниците од групите во Лигите Б, Ц и Д ќе бидат промовирани во повисок ранг, а четирите најслаби репрезентации од групите во Лигите А, Б и Ц ќе паднат ранг подолу.

Што ќе донесе Лигата на Нациите:

  • Поголем број на натпреварувачки мечеви за селекциите;
  • Поголем број на натпреварувачки мечеви меѓу селекциите од сличен ранг;
  • Помал број на пријателски натпревари;
  • Натпреварување за повисок ранг и борба за опстанок;
  • Дополнителна можност за пласман на ЕУРО 2020.

Еве како Александар Чеферин, првиот човек на УЕФА го најавува новото натпреварување, кое започнува следниот месец.  „Фудбалот никогаш не запира. Натпреварите може да завршат со свиреж на судијата, но самата игра не застанува таму. Светското првенство во Русија помогна да се истакнат две работи. На прво место – колкава е силата и широчината на европскиот фудбал. Заслужен триумф на Франција, која ја продолжи традицијата и стана четврта европска селекција која слави на последните четири СП. Хрватска пак, со пласманот во финалето постигна голем успех, така што по третпат во последните четири финалиња гледавме дуелите на европски селекции.

Покрај тоа, Европа даде 13 од вкупно 16 полуфиналисти со последните четири Светски првенства. Осум екипи од Европа одиграа полуфинале на Светско првенство овој век, додека 13 играа четвртфинале. Европа не е само дом на успешни клубови, туку и голем расадник на талентирани играчи, како и на стратези со модерна визија.Светското првенство, исто така, потврди дека постои голем апетит за репрезентативен фудбал. УЕФА отсекогаш била свесна за тоа, како и фактот дека репрезентативниот фудбал заслужува повеќе од еден финален турнир кој може да им се понуди на секои две години. Навивачите се свесни дека пријателските натпревари често го поткопуваат планот за конкуренција и затоа го губат значењето. Беше потребно да се ребалансира односот помеѓу клупскиот и репрезентативниот фудбал.

Ова е причината што нè доведе до Лигата на нации, која ќе започне на 6 септември. Веќе во првата седмица ќе гледаме супер-дуели меѓу Франција и Германија, Англија против Шпанија, како и Шпанија против Хрватска. Победниците на четирите групи од Лигата А следното лето  ќе се борат за трофејот на ова натпреварување. Секоја парна година имаме шампион на светот и на Европа, но отсега па натаму секоја непарна ќе имаме победник на Лигата на Нациите. Фудбалот е натпреварувачки спорт, а сега на крајот од секоја година ќе имаме и репрезентативен, како што е случајот во клупскиот фудбал.

УЕФА Лига Нација ќе им даде додатна прилика за пласман на еден континентален собир на послаборангираните селекции. Наместо дуели со посилните селекции, сега селекциите ќе добијат повеќе натпревари против противници од приближен ранкинг, што сигурен сум дека ќе донесе поголем квалитет и напредок кај секоја селекција“, вели Чеферин. Македонија се наоѓа во четвртата група од лигата Д, во конкуренција на Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар. Првиот натпревар во Лигата на Нациите, Македонија го игра на 6 септември, кога гостува кај Гибралтар. Три дена подоцна, на 9 септември, се игра првиот натпревар во Скопје, против селекцијата на Ерменија.

 

 

Advertisement