Македонија: Дојран и Кукуш заеднички за Дојранското езеро (ВИДЕО)

 

Дојран и Кукуш заеднички ќе се грижат за Дојранското езеро.  Со прекуграничен проект ќе го регулираат нивото на езерото, но и ќе воспостават постојан и одржлив систем за заштита на екосистемот и биодиверзитетот. Една од првите активности на проектот е реконструкција  на испустниот канал од грчка страна за регулација на нивото на езерото.

Со oбновата на каналот на кој не е интервенирано уште од деведесетите години кога беше и еколошката катастрофа се очекува стабилизација на водостојот во езерото. На тој начин   треба да се  реши и проблемот со поплавите на крајбрежјето кои беа честа појава минатите години.

,,Правиме напори една од првите активности да биде токму тоа, односно расчистување на каналот и спречување на евентуални повторни поплавувања на брегот на Дојранското езеро“, вели Анго Ангов, градоначалник на Општина Дојран.

Во напорите за заштита на езерото општините поддршка ќе добијат и од централните власти во двете држави. Веќе се правеле напори за утврдување на новите коти на езерото.

,,Се прават напори исто така на државни ниво повторно да се утврдат котите, да се направи експертски тим кој што ќе ја  утврди најниската, средната и највисоката кота на езерото бидејќи и самата структура, сегашната ситуација на Дојранското крајбрежје е изменета со изградбата на пешачката патека, така што мора повторно утврдување на тие коти“, вели Ангов.

Освен санацијата на испустниот канал,  со овој проект ќе се набави и модерна опрема за  24 часовен мониторинг на калитативните и квантитативните параметри на водата, машина за сечење и собирање на водни растенија. Предвидени се директни активности за чистење на езерото од двете страни на границата како и изработка на студија за управување со екосистемите. Реализацијата на проектот започна во октомври лани, а ќе трае две години./www.sitel.com.mk