Македонија: Државниот архив го објави печатот на Охридската архиепископија

Државниот архив на Македонија објави редок историски документ од Охридската Архиепископија. Станува збор за писмо, но она што според архивот е најзначајно, е печатот на Охридската Архиепископија од XVI век. Станува збор за исклучително вреден документ, што сега излегува во јавност.

Државниот архив чува писмо од охридскиот архиепископ Гаврил, испратено до надвојводата Фердинанд Хабсбуршки на 8 октомври 1587 година. Во писмото, архиепископот бара помош за Охридската архиепископија и дозвола да отпатува во Рим кај папата Сикст V, со цел создавање сојуз за ослободување на христијаните од турското ропство.

Посебна вредност на документот му дава и оригиналниот печат на Охридската архиепископија од XVI век, кој претставува редок и автентичен доказ за нејзината духовна, политичка и дипломатска улога низ историјата, пишува во објавата на Фејсбук страницата на Државниот Архив на Македонија.