Македонија го одбележува Светскиот ден на водите

 

 

Во Македонија денска ќе биде одбележан Светскиот ден на водите 22 Март,  министерството за животна средина и просторно планирање организира конференција на тема „Водата и отпадните води“, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предвидува нуркање во водите на езерото Матка од страна на членови на Нуркачкото друштво „Врело“ и хидрометриски мерења на реката Треска, додека Институтот за јавно здравје на Република Македонија најавува Саем на вода пред Домот на АРМ.

На конференцијата „Водата и отпадните води“ ќе се обратат министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, раководителот на Одделот за оперативни работи во Делегацијата на ЕУ Мауро Ди Вероли и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија Димитар Петров. Конференцијата е дел од реформите во секторот за вода што ќе се спроведуваат следните години, а агендата предвидува панел-дискусија и мотивациски говори на тема „H2O Зошто се грижиме” од страна на Даниел Кајмаковски и Агнеса Чаволи.

Хидрометриските мерења на Треска што ги организира УХМР по повод Светскиот ден на водите, 22 Март, но и по повод Светскиот метеоролошки ден, 23 Март, ќе се извршат на хидролошката станица Св. Богородица. Првпат ќе се примени најсовремениот инструмент, т.н. Акустичен доплеров мерач на проток дониран од УНДП, но ќе се изведе и класично мерење со прегазување на реката. Атрактивното нуркање, пак, ќе биде кај црквата Св. Андреа. Нуркачите од друштвото „Врело“ ќе извлекуваат потоната платформа.

Во рамки на Саемот на вода во центарот на Скопје, граѓаните ќе добијат промотивен материјал со информации за значењето и влијанието на безбедната вода за пиење врз здравјето на населението и превенција од болести. Мото на годинашниот Светски ден на водите се отпадните води, а целта е генерално да се влијае на свеста да не се загадуваат површинските и подземните води со разни фекалии преку индустрискиот процес, да се пречистуваат ако се веќе загадени со што се спречува можноста за евентуално наводнување на земјоделските култури, да се спречи дистрибуција на загадени води до сите корисници и заради штедење на водата и зачувување на водените ресурси.