Македонија и Косово заеднички ќе го градат тунелот на новиот патен правец Тетово – Призрен

Заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, и министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Либурн Алиу, го потпишаа договорот за кофинансирање за проектирање за изградба на тунелот на новиот патен правец Тетово – Призрен.

Физибилити-студијата покажа дека најоптимална е трасата што почнува од Тетово преку Попова Шапка, Бродец и завршува во населеното место Вешала на македонска страна, а преку тунел ќе се поврзе со територијата на Косово.

„Како држава се залагаме за целосно отворање на регионот бидејќи овој регион има просперитет. Ќе имеме и поголема економска активност, само ако имаме подобро поврзување помеѓу земјите и народите. Во овој момент работиме на регионалното поврзување со сите соседи на Македонија“, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

„Поврзувањето со Косово ќе се направи преку изградба на тунел долг 6,4 километри за што денеска го потпишавме овој договор меѓу двете земји. Спомнав дека е избрано најоптималното решение од причина што патниот правец минува низ ски-центарот Попова Шапка, што е огромна предност за развој и зголемување на туризмот во овој регион. Ова е почеток на нов инфраструктурен проект, кој несомнено ќе ја зацврсти нашата одлична економска соработка со Косово“, изјави заменик-министерот Беким Реџепи.

„Беше огромно задоволство да се почне на овој начин со изборот на проектант за изградба на заедничкиот тунел. Патот Тетово – Призрен ќе биде дел од патот што води до Попова Шапка и ќе треба да изградиме дополнително уште 17 километри пат за кој ќе почнеме со проектирање. Со заедничкиот тунел што ќе го градиме, а кој е 6,4 километри и кој ќе биде дел од Коридорот 8, ја подобруваме патната инфраструктура меѓу соседните земји во регионот и меѓу градовите Скопје, Тирана и Приштина“, истакна директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Министерот за животна средина и инфраструктура на Косово, Либурн Алиу, истакна дека од косовска страна веќе се работи на патниот правец, кој преку изградба на новиот тунел треба да се поврзе со Македонија.

Advertisement