Во Македонија има над 80 нематеријални културни или живи обичаи кои би можеле да се стават на репрезентативнта листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство, забележаа експертите кои по повод денешното одбележување на обичајот Ч’трсе на тврдината Исар-Штип одржаа трибина на тема „Популаризација на културното наследство во Македонија“. Обичајот Ч’трсе е првото нематеријално културно наследство кое се најде на листата на УНЕСКО. Директорот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“-Скопје, Република Македонија Зоранчо Малинов истакна дека критериумите на меѓународната комисија која одлучува кој обичај ќе се најде на листата се доста строги, односно, се бара квалитет, уникатност и пред се практикување на како што вели тоја на адетот во негова оригинална форма.
Од долгогодишната теренска работа на собирање на етнолошки и фолклорни материјали од целата територија на земјава, ќе треба да извлечеме нешто што е репрезентативно, убаво и нешто што ќе ја афирмира нашата држава Република Македонија, рече Малинов.Засега на листата на УНЕСКО се штипскиот обичај за искачување на утврдениот рид Исар на 22 март, за време на празнувањето на „Св. 40 маченици“ или во Штип попознат како „Ч’терсе“ и орото „Копачка“ кое се негува во делчевското село Драмче. Етномузикологот Велија Стојковска-Серафимовска рече дека за уште неколку културни добра се поднесени апликации и се чека на одобрување.
Една постапка трае 18 месеци од поднесување во УНЕСКО, а сигурно имаме околу две години работа додека ја средиме апликацијата, посочи Стојковска Серафимовска. Раководителот на Одделението за нематеријално културно наследство при Управата за заштита на културно наследство, Ивона Опетческа Татарчевска рече примарна цел на етнолозите и фолклористите е зачувување, презентација и пренесување на традицијата на помладите генерации.
Денешните млади генерации имаат сосема друга перцепција и кон традицијата и кон начинот на живеење, така што сите овие потрадиционални форми понекогаш остануваат на маргините на нашето општество, не ги забележуваме, а всушност во нив се крие, не само идентитетскиот маркер на локалната заедница, туку и на целокупниот македонски народ, истакна Опетческа- Татарчевска.