Македонија – Исланд 24:24

Вечерва во СЦ “Борис Трајковски” машката сениорска репрезентација на Македонија го одигра четвртиот натпревар против репрезентацијата на Исланд во квалификациите за ЕП 2020. Натпреварот заврши нерешено 24:24, полувреме 10:11.

Исланд прв поведе и успеа во период од десетина минути да одржува водство од гол до два гола разлика (4-2, 5-3). Потоа следеше десетминутен период во кој се водеше голема битка за секој гол, а Македонија во 17 минута од мечот израмни (7-7), веднаш потоа и поведе. Македонската репрезентација имаше 10-8 и два напади за да зголеми на три гола разлика, но отако не ги искористи Исланд влезе во серија и со три гола до крајот на полувремето го сврте резултатот во своја корист. На одмор се замина со резултат 11-10 за Исланд.

Во второто полувреме, во воведните минути, Исланд ја искористи малата хаотичност на теренот и дојде до водство со три гола разлика (15-12) и таа тазлика ја одржуваше до 45 минута кога Македонија намали на 17-18. Потоа следеа минути за Македонија. Одбрана стана цврста и агресивна, во напад одговорноста ја презема капитенот и Македонија поведе со 20-18 во 50 минута. На пет минути до крајот на мечот беше 22-22, не искористивме два напада и Исланд се врати во водство (23-22).

Потоа следеше драматичен финиш во кој Македонија имаше два напада за победа, но на крајот мечот заврши 24-24. Следениот натпревар на Македонија е во јуни против репрезентацијата на Турција.