Трите матични археолошки музејски институции од Македонија, Србија и од Бугарија со овој проект ќе ја одбележат стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид, со случајниот пронајдок на 20 март 1918 година. Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Таа е придружена и со каталог со 408 страници со текстови од 26 автори – музејски работници од трите држави, како и од Чешка и од Германија. Содржи детални податоци за секој од експонатите, за историјатот на откривањето и истражувањата, географијата и историографските податоци за носителите на требенишката култура и регионот во архајскиот период, како и за типолошко-стилските одлики на наодите.