Македонија ја победи Летонија со 3-1

Националниот тим на Македонија успешно ги започна квалификациите за ЕП 2020, откако вечерва на националната арена „Филип Втори“ остваривме победа со резултат 3:1 над Летонија. Алиоски и два пати Елмас беа стрелци на головите за Македонија, а капитенот Горан Пандев го одигра 100-иот натпревар во дресот на националниот тим. Македонија одлично го почна натпреварот и максималниот пристап многу брзо донесе резултат. Поведевме уште од 11-тата минута кога Горан Пандев поведе акција и додаде лево до Алиоски, а ударот на играчот на Лидс успеа да го надмудри противничкиот голман за 1:0. Неколку минути подоцна Хасани одлично шутираше, но со прекрасен рефлекс спаси Ванинс. Многу брзо по оваа шанса Хасани мораше да ја напушти играта поради повреда, а нововлезениот Елмас брзо успеа да погоди за деби гол во А националниот тим. Се играше 29-тата минута кога Пандев и Несторовски беа во акција, а одбиениот удар на овој последниот излезе асистенција за Елмас кој без потешкотии пласираше за 2:0. До крајот на првиот дел имавме можност за трет гол, но ударот на Пандев го одбрани нововлезениот голман на Летонија, Штеинборс.

Во вториот дел противникот се обиде да реагира, но одбраната на чело со Димитриевски беше на ниво. Пандев имаше добар обид кој беше одбранет од противничкиот голман, а во 71-та минута цел стадион на нозе го поздрави капитенот Горан Пандев, кој беше повлечен од игра на неговиот 100-ти настап во дресот на националната селекција. Кога изгледаше дека победата ја имаме во раце, работите се искомпликуваа. После еден центаршут од прекин во 87-тата минута, Велковски сакајќи да ја избие топката си постигна автогол и со резултат 2:1 летонците ја вратија надежта за избегнување на поразот. Но брзо работите си дојдоа на свое место кога во третата минута од судиското надополнување Елиф Елмас направи мала мајсторија постигнувајќи прекрасен гол. Предходно Летонија остана со играч помалку на теренот откако поради втор жолт картон беше исклучен Циганикс.

Advertisement