Македонија: Локалните избори ќе се одржат, недела, на 19 октомври 2025

Локалните избори ќе се одржат, недела, на 19 октомври. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ги распиша осмите по ред локални избори, чиј прв круг избори за градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври, додека вториот круг од изборите ќе се одржи на 2 ноември, таму каде што изборите нема да завршат во првиот круг.

Изборите ќе ја чинат државата 9,7 милиони евра, од кои две третини се наменети за политичко рекламирање на партиите.

Државната изборна комисија веднаш по распишувањето го објави и роковникот за изборите, при што граѓаните увид во избирачкиот список ќе можат да вршат од 23 август до 11 септември , а листите за кандидати за претстојните избори ќе можат да се поднесуваат до 13 септември.

„Изборната кампања за прв круг започнува на 29 септември, во 00.00 часот и трае непрекинато до 17 октомври до 24 часот. Додека за вториот круг изборната кампања трае до 31 октовмри до 24 часот“, изјави Борис Кондарко, претседател на ДИК.

Државната изборна комисија на седницата ја стави вон сила постапката за собирање на потписи кај нотар за предлагање на листа на избирачи, согласно одлуката на Уставниот суд за бришење на членовите 61 и 62 од Изборниот законик која се однесува на кандидирање на изборите на независните листи избирачи, односно го регулира потребниот број на потписи за предлагање на листи на група избирачи.

„Појаснуваме дека во сила е Член 60 каде што го регулира правото на учество на избори и согласно Уставот и согласно законот секој има еднакво право, и активно и пасивно избирачко право, да бира и да биде избран. Значи ДИК нема право да ускратува никому и не ускратува никакво законско прави на учество во избори“, изјави Кондарко.

Извори од ДИК за Телма брифираат дека доколку Собранието не донесе измени на Изборниот законик во однос на независните листи на изборите, ДИК не може да носи упатство за постапка за собирање на потписи за независните листи, но и нема право да одбие поднесени листи на групи избирачи доколку тие бидат доставени до Комисијата, а кои би ги содржале сите потребни генералии за поднесување листа.

Како што брифираат од Комисијата за Телма, листа би можеле да поднесат и пет лица со едноставно барање доставено на бел лист хартија. Ова произлегува од Членот 60 на Изборниот Законик кој е на сила и кој определува дека листа можат да поднесат група избирачи, без понатамошни ограничувања.

Право да поднесат листа на кандидати за пратеници, листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник имаат регистрираните политички партии самостојно, коалиции, како и група избирачи“, гласи точка 1 од Член 60 од Изборниот законик.

Според роковникот на Државната изборна комисија анкетите за рејтинзиите на партиите и кандидатите кои се кандидирале за претстојните локални избори ќе можат да се објавуваат една недела пред гасањето, односно до 13 октомври за првиот круг и до 27 октомври за вториот круг на гласање.