Македонија: Началникот на генералштабот на Кралството Норвешка на официјална посета на АРМ

Делегацијата на Вооружените сили на Кралството Норвешка, предводена од НГШ на ВС на Кралството Норвешка, адмирал Хакон Брун-Хансен, во рамки на дводневната официјална посета на Република Македонија, денес престојуваше во Генералштабот на Амијата и Министерството за одбрана.

По пречекот со високи воени почести, адмиралот Хансен имаше прием кај својот домаќин, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, по што оствари средба со министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

За време на официјалниот состанок, од страна на генералот Ѓурчиновски беше искажана благодарност за досегашната соработка и континуираната подршка од страна на ВС на Кралството Норвешка, притоа изрази надеж за проширување на досегашната соработка и изнаоѓање на  нови облици на соработка во понатамошниот период.

Од страна на адмиралот Брун-Хансен, досегашната долгогодишна соработка со нашата армија се оцени како значајна, по што искажа уверување дека со нашето скорешно полноправно членство во НАТО алијансата ќе се унапредат и облиците на билатералната воена соработка.

За време на состанокот, делегацијата од Кралството Норвешка, беше запознаена со процесот на трансформацијата на Армијата, Учеството во мировните операции, користење на капацитетите на АП Криволак за вежбовни активности, а се разговараше и за можностите за унапредувањето на билатералната соработка помеѓу двете армии.

На средбата со министерката Шекеринска, беше искажана подготвеност од норвешка страна за споделување на нивното искуство и поддршка на нашата земја во прилагодувањето на стандардите на НАТО и вкупната транзиција кон Алијансата. Министерката Шекеринска се заблагодари за ратификацијата од страна на Норвешка на приемниот протокол на нашата земја во НАТО како и за досегашната поддршка, и изрази увереност дека истата ќе зајакне и ќе се продлабочи.

НГШ на ВС на Кралството Норвешка, за време на посетата, ќе оствари средба со Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски и ќе посети дел од командите и единиците на Армијата стационирани во касарната Илинден, меѓу кои и Балканските наменски медицински сили, каде ќе се запознае со нивната мисијата и задачи.

Армијата на Република Македонија има развиено многу добра соработка со ВС на Кралството Норвешка, која пред се е значајна од учеството на наш медицински хируршки тим, кој учествуваше во рамките на Норвешката полска болница од 2008 до 2012 година во Мејмана, Авганистан. Кралството Норвешка ја донираше Лесната маневарска полска болница која е во состав на нашата Армија, софистицирана опрема за заштита на телекомуникациските врски, медицински материјал и компјутерска опрема, како и менторирање и финансиска поддршка на проектот ,,Лепеза“ и Регионалниот центар за односи со јавност.

Advertisement