Македонија: Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ одбележи 75 години постоење

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“- Скопје денеска ќе го одбележи патронатот и 75 години од основањето. Во пресрет на државниот празник посветен на просветителот св. Климент Охридски – 8 Декември, делегации што ќе присуствуваат на свеченоста денеска најпрво ќе положат цвеќе на неговиот споменик пред Библиотеката.

Специјално за оваа пригода со видеопрезентација на архивски фотографии и скенирани материјали ќе биде прикажан историјатот, функциите и општественото значење на НУБ „Св. Климент Охридски“, ќе има изложба на фотографии за развојот на Библиотеката во изминатите седум и пол децении, како и ексклузивни материјали од нејзините специјални збирки.

НУБ денеска ќе им додели благодарници на институции со кои има заеднички проекти, Министерството за култура, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Амбасадата на НР Кина и институтите „Јунус Емре“ и „Данте Алигиери“, како и на Управата за заштита на културното наследство и на Библиотекарското здружение на Македонија со кои има континуирана соработка.

Традиционално по повод патронатот ќе им бидат доделени и награди на вработени и на тие што се пензионирале во 2019 година, а Библиотекарството здружение на Македонија ќе ја додели наградата „Библиотека на годината“. Според одлуката на Здружението, ова признае годинава ќе го добијат две библиотеки – Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје и Општинската народна библиотека „Браќа Миладиновци“ од Радовиш.

НУБ „Св. Климент Охридски“ е основана во 1944 година. Од првобитниот објект во кој била сместена по ослободувањето, во 1972 е преселена во зградата во која се наоѓа и денес. Пред неколку години до неа беше дограден дел наменет за дигиталната библиотека.

Advertisement