Младенци на годинешната „Галичка свадба“, која секоја година се одржува на Петровден, односно за време на викендот кој е најблизу до овој празник, се Марина Петровска и Огнен Караѓозовски, кој по потекло е од Галичник. Тие денеска по низата свадбени обичаи, како и со изведбата на невестинското и други ора, се венчаа во црквата „Св. Петар и Павле“. Инаку, традиционално, почетокот на „Галичката свадба“ се означи во саботата, со поставување на свадбарското знаме, а свадбената свеченост заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
„Галичката свадба“, која традиционално се реализира со поддршка од Министерството за култура, ја следеа претседателот Стево Пендаровски, министерот за култура, како и голем број гости и посетители од земјава, но и од странство, кои можеа да проследат над 30 обичаи кои се изведуваа за време на свадбарските денови.
Инаку, традиционално, со одржувањето на „Галичката свадба“ во организација на месната заедница на селото Галичник, започна и „Галичкото културно лето“, кое и овојпат ќе понуди најразлични забавни и музички содржини, приспособени за сите генерации посетители.
https://www.facebook.com/mzgalichnik/videos/232432367640283/UzpfSTEwMDAwMDMzMDE0OTA5NToyNDcwMzMwMTIzMTkwMTc3/
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
