Македонија прославува 30 години независна држава

На 8 септември во 1991 година, односно пред 30 години, во Република Македонија се одржа Референдум на кој граѓаните со право на глас се изјаснуваа на прашањето: Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија. Според конечните, официјални резултати од 1.495.626 гласачи, на Референдумот излегоа 1.021.880 или 71,85 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив 95,09 отсто гласаа ЗА самостојна и независна македонска држава. Текот на Референдумот го следеа 167 домашни и 100 странски акредитирани новинари.

Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ, по дефинитивното изјаснување на Словенија и Хрватска дека се определуваат за независност и самостојност. Во Македонија беше спроведено предреферендумска кампања, а на 2 септември беше објавен заеднички проглас на парламентарните и вонпарламентарните партии со кои граѓаните беа повикани масовно да излезат и да се изјаснат ЗА на Референдумот.

Во кампањата на Референдумот се вклучи и Македонската православна црква која со семакедонска христијанска, православна молитва, преку божествена литургија, одржана на 1 септември во Соборниот храм Свети Климент Охридски, го обнароди значењето на Референдумот како трето илинденско послание.

Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Република Бугарија беше првата држава што ја призна независноста на Република Македонија. Следуваа признавањето од Турција, Словенија, Хрватска, Русија и Босна и Херцеговина. Инаку на Референдумот му претходеше Декларација за независност што првото повеќепартиско македонско Собрание ја усвои на 25 јануари 1991 година формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија. Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, зачленувањето на ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.

Низ 30-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии. Троцифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат.

Република Македонија денес има воспоставено дипломатски односи со 158 држави во светот, а под уставното име е признаена од 117 меѓу кои и три од членките во Советот за безбедност – Кина, Руската Федерација и САД.

Advertisement