Македонија – Швајцарија и одбележуваат три децении дипломатски односи

Македонија и Швајцарија денеска ја одбележуваат 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи, информира Амбасадата на Швајцарија во земјава, од каде што велат и дека односот меѓу двете земји се одликува со цврсто партнерство, кое се карактеризира со значајната меѓународна соработка на Швајцарија и заедничката дијаспора.

„Во текот на изминатите три децении овие врски се зголемија, воспоставувајќи рамка за добра соработка на локално, регионално и национално ниво и заедничка посветеност на заедничките вредности. Формално, соработката меѓу двете земји се заснова на повеќе од 80 билатерални и мултилатерални договори во различни области“, се вели во соопштението од амбасадата.

Швајцарија ја призна независноста на Македонија во мај 1993 година.

„На 31 јануари 1994 година делегација предводена од швајцарскиот амбасадор Арнолд Хугентоблер пристигна во Скопје за да се сретне со поранешниот министер за надворешни работи Стево Црвенковски и официјално да воспостави дипломатски односи меѓу двете земји“, се вели во соопштението од оваа амбасада.

Соработката меѓу двете држави почна во 1994 година кога Швајцарија го поддржа пописот и формирањето на локална радио станица за помалкубројните заедници во Скопје во 1995 година. Во 1996 година Швајцарија формално ја започна својата меѓународна соработка во Македонија. Оваа посветеност кулминираше со отворањето на Швајцарската амбасада во Скопје во 2000 година, дополнително зацврстувајќи ја посветеноста на Швајцарија за поттикнување блиски врски со Македонија.

„Денес односот меѓу двете земји се одликува со цврсто партнерство, кое се карактеризира со значајната меѓународна соработка на Швајцарија и заедничката дијаспора. Во текот на изминатите три децении овие врски се зголемија, воспоставувајќи рамка за добра соработка на локално, регионално и национално ниво и заедничка посветеност на заедничките вредности. Формално, соработката меѓу двете земји се заснова на повеќе од 80 билатерални и мултилатерални договори во различни области“, пишува во соопштението.

Во изминатите децении, како што се наведува, Швајцарија стана близок партнер и најголем билатерален донатор во Македонија.

„Од почетокот на својата соработка, Швајцарија ја поддржа Македонија со приближно 350 милиони швајцарски франци кои придонесуваат во приоритетните области каде што швајцарската експертиза и поддршка можат да придонесат кон подобрување на квалитетот на живот“, соопштуваат од Швајцарската амбасада.

Тековната програма за меѓународна соработка, која се протега од 2021 до 2024 година, ја нагласува посветеноста на Швајцарија за поддршка на тековните реформски процеси во демократското владеење, одржливиот економски развој, заштитата на животната средина и испораката на одржливи јавни услуги.

„Швајцарските програми за соработка се карактеризираат со нивната долгорочна перспектива, интерсекциски пристап и акцент на градење силни партнерства. Секоја интервенција е насочена кон заедничка цел: постојано подобрување на квалитетот на животот и перспективите на сите луѓе и заедници во Македонија. Блиската соработка меѓу двете земји ќе продолжи и во иднина со одлучна посветеност да работиме заедно кон иднина на заеднички просперитет и заеднички раст и развој“, се наведува во соопштението од Швајцарската амбасада.

Доказ за сериозна соработка меѓу двете земји е и случајот со Програмата за зачувување на природата во Македонија која има за цел да ѝ помогне на државата во зачувување на големиот биодиверзитет и природните екосистеми со кои таа располага, преку нивно одржливо користење и управување.

Токму планински релјеф, кој го делат Македонија и Швајцарија, е причината зад проектот во изминатите 12 години да застане Швајцарската агенција за развој и соработка, несебично делејќи ги позитивните искуства и практики од матичната земја.

Advertisement