Македонија убедливо со 5:0 славеше против Лихтенштајн

Македонската А репрезентација славеше против Лихтенштајн во натпревар од 2. коло од квалификациите за Светското првенство. На Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, нашата најдобра селекција триумфираше со 5:0. Енис Барди го отвори резултатот, Александар Трајковски постигна два гола,  стрелци беа и Елиф Елмас и Илија Несторовски. Македонската репрезентација првата прилика ја имаше во 5. минута преку Горан Пандев, но ударот на капитенот го одбрани голманот Бухел. Енис Барди во 7. минута го постигна водечкиот гол за Македонија. Нашиот репрезентативец, од далечина шутираше од слободен удар, голманот на Лихтенштајн лошо го процени ударот за отворање на резултатот.

Четири минути подоцна, Енис Барди повторно од слободен удар ја погоди пречката од голот на Лихтенштајн. До крајот од полувремето, нашата селекција имаше потполна доминација во играта во играта, свои обиди имаа Пандев, Елмас и Трајковски, но не успеавме да ја удвоиме предноста. Голема прилика во 47. минута пропушти Пандев. Стефан Ристовски додаде во шеснаесетникот, Пандев беше осамен на 11. метри, но шутираше над голот на гостите. Александар Трајковски во 51. минута погоди за 2:0. Барди нафрли во шеснаесетникот на Лихтенштајн, одбраната на гостите лошо интервенираше, а нашиот напаѓач осамен на втора статива ја смести топката во мрежата на Бухел. Две минути подоцна, Александар Трајковски го постигна својот втор гол за 3:0. Шутираше неодбранливо од далечина за негов трет гол во квалификациите.

По еден час игра, Македонија веќе имаше предност од 4:0. Елиф Елмас беше најснаодлив пред голот на гостите и погоди за убедливо водство. Во 82. минута во листата на стрелци се запиша и Илија Несторовски кој со „паненка“ постигна гол од пенал за 5:0. Македонија: 1. Столе Димитриевски, 4. Кире Ристевски, 6. Висар Муслиу, 7. Марјан Радески, 8. Езѓан Алиоски (66` Стефан Ашковски), 9. Александар Трајковски (66` Ферхан Хасани), 10. Горан Пандев (58` Илија Несторовски), 13. Стефан Ристовски (58` Егзон Бејтулаи), 17. Енис Барди (58` Бобан Николов), 20. Стефан Спировски, 21. Елиф Елмас; Селектор: Игор Ангеловски

Advertisement