Македонија влезе во финалето на „Евровизија 2019“ (ВИДЕО)

Тамара Тодевска со својот одличен, сигурен, мошне емотивен настап, кој беше награден со бурен аплауз во салата, но и во Прес- клубот во Тел Авив обезбеди место во финалето на „Евровизија 2019“ што се одржува во Тел Авив, Израел. Во финалето влегоа и претставниците на Холандија, Албанија, Шведска, Русија, Азербејџан, Данска, Норвешка, Швајцарија и Малта. Веднаш по изведбата на социјалните мрежи можеа да се прочитаат реакциите на познати јавни личности од нашата земја, на поддржувачи на „Евровизија“ и на добрата музика. „Тамара, гордост наша“, „Совршен настап“, „Ова ни е најдобро евровизиско претставување досега“, „Тамара и одржа лекција на цела Европа како се пее“, беа некои од коментарите на социјалните мрежи. Утре почнуваат пробите за финалето, на кое свој настап со две песни ќе има и поп кралицата Мадона.