Македонија: Во Струга се одржа најмасовната литија за Ѓурѓовден

Еве веќе 10 години, возобновената Струшка Еордија е благовесничка на радост и насекаде низ нашата земја го испраќа, во вид на зраци, благословот на св. Георгиј. На верните, што во сѐ поголем број доаѓаат на ова чудесно духовно доживување, таа им го дава одново блесокот на Пасхалната радост. За Стружани, пак, е прекрасна можност сите да се сплотат во стремежот што подостоинствено да земат удел во ова торжество, кое ја осенува со благодат не само Струга, туку и целата наша Татковина. Тогаш Струга го покажува својот најубав лик: децата облечени во традиционални носии го китат градот со своите прекрасни насмевки и со слапови од цвеќе, кои ги принесуваат на Великомаченикот Георгиј; жителите за миг излегуваат од своето секојдневие и наредени од двете страни на улицата, со весели погледи и радосни восклици ја поздравуваат литијата; свечените звуци на Пасхалната химна во изведба на Градскиот оркестар на Скопје, го исполнуваат воздухот и ја зголемуваат празничноста на амбиентот; облаците се повлекуваат пред развиорените знамиња и оставаат поглед кон кристално чистото струшко небо; и сѐ наоколу е во знакот на Победоносецот и на славното воскресение на Победителот на смртта.

Во сета таа убавина најголем украс се раскошниот цветен епитаф во кој што се положени моштите од св. Георгиј, штитени од мијачката гарда, и двата чудотворни образи кои достојно ја збогатуваат оваа процесија со својот благослов – Крнинската икона на Мајката Божја и струшката икона на св. Георгиј. Како и секоја година, тие и овој пат беа носени на рацете на видни личности, што со радост одговорија на оваа несекојдневна чест: Милчо Чакарески, Васил Ашталкоски, Ратко Лазарески, Стевче Алушевски, кои го стекнаа благословот од моштите на св. Георгиј, потоа Ангелко Јовчески, Цветко Митрески, Коста Хиохи, Боге Гоќески, кои го носеа неговиот чудотворен образ, како и Билески Софче, Драган Кузманоски, Горан Силјноски, Јане Темелкоски, кои се удостоија со благословот на нашата Небесна Владичица преку нејзината Крнинска икона. Посебна восхит кај присутните разбуди тоа што еден од носачите на епитафот со светите мошти беше нашата ракометна легенда, надалеку познатиот г. Стевче Алушевски, а не помала беше и благодарната радост што се читаше на неговото лице.

Откако торжествената поворка ги благослови улиците на Струга, огромното мноштво учесници во Еордијата се собраа во дворот на храмот св. Георгиј, каде беа израдувани и со прекрасен настап на членовите од Ансамбл „Македонија“. Меѓу почесните гости што беа присутни годинава, беше и новоизбраниот Градоначалник на Охрид, г. Константин Ѓорѓиески и Градоначалникот на Дебарца, г. Зоран Ногачески.