Македонска Алијанса ги поддржува реакциите и ставовите на Македонското друштво „Илинден“-Тирана и МАЕИ

 

Македонска Алијанса во целост ги поддржува реакциите и ставовите на Васил Стерјовски, Секретар на Македонската алијанса за европска интеграција и Македонското друштво „Илинден“ од Тирана на Никола Ѓурѓај. Точно е констатацијата дека со кукавичкото признавање на непостоечко Бугарско малцинство во Албанија се изврши геноцид врз нашите браќа и сестри Македонци кои живеат во Албанија. За жал, Премиерот Еди Рама потклекна на притисокот на познатите негатори на Македонскиот идентитет, Бугарските Европратеници, Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, кои со иницијатива во Европскиот Парламент уште во февруари, побараа да се прифати дека во регионите на Преспа, Голо Брдо и Гора живеат Бугари. Владата на Бојко Борисов и Екатерина Захариева уште повеќе го засили притисокот и уцените кога првичната верзија на предложениот Закон за заштита на малцинствата во Албанија влезе во нивниот Парламент.

Жално е за нашата Татковина што докажаниот борец за остварување на основните човекови права на нашите браќа и сестри Македонци кои живеат во Албанија единствениот Градоначалник – Македонец во Албанија, Едмонд Темелко, доживеа да биде третиран како терорист во својата татковина Македонија, додека оние кои го уриваа Уставниот поредок беа амнестирани и се на највисоки Државни функции.

Бугарската Влада со пристапот во Албанија уште еднаш на дело го покажа национализмот и негирањето на изворниот Македонски идентитет. Прашање на време е кога ќе го отворат прашањето за имателите на Бугарски пасоши во Македонија со што ќе побараат вметнување на Бугарско малцинство можеби и во преамбулата на нашиот Устав. Бугарските власти никогаш немале искрен пристап во обидите да се затворат отворените билатерални прашања со Македонија. Нема никакви дилеми дека Договорот за добрососедство со Бугарија е штетен, едностран и ги фаворизира нивните националистичките позиции. Во спротивно, во Договорот ќе го признаа Македонскиот национален идентитет и ќе се согласеа да ги спроведат пресудите на Европскиот Суд за човекови права и ќе прифатеа конечно да го регистрираат ОМО Илинден – Пирин. Брзањето на Софија што е можно побрзо да биде ратификуван овој Договор укажува дека актуелната Влада во Македонија попушта несразмерно многу и прифати одредби кои ќе направат поширока штета.

Македонската Алијанса уште еднаш предупредува дека евентуална ратификација на ваков Договор од наша страна ќе и даде дополнителен мотив на официјална Атина да ни го зададе последниот удар, со аргументација дека ние самите сме се откажале од нашиот национален Македонски идентитет. Затоа, доколку Договорот за добрососедски односи со Бугарија, во ваква форма на сила се ратификува во Собранието, Македонската Алијанса со сите политички средства ќе се бори Македонија еднострано да го раскине Договорот, повикувајќи се на членот 13, точка 3 од истиот – стои во соопштението потпишано од Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.

Advertisement