Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) сочуство до семејството на Спасе Мазенковски

 

Македонска алијанса за европска интеграција, по повод смртта на македонскиот активист, писател, новинар и публицист Спасе Мазенковски, упатува писмо со сочувство до семејството Мазенковски. Со чувство на голема тага ја примивме веста за смртта на Спасе Мазенковски, еден од најголемите поборници за остварување на правата на Македонците во Албанија, писател, новинар и публицист кој неуморно создаде голем број на поетски збирки, книги, разкази и научни дела кои претставуваат инспирација за сегашните и идни генерации млади Македонци во Албанија и ќе останат во трајно и драгоцено наследство на македонската наука. Во овој тажен миг за Вас и Вашето семејство, но и за Македонците во Албанија, дозволете ни да Ви ги упатиме изразите на нашето најискрено сочуство во Вашата длабока болка предизвикана со смртта на Вашиот сопруг, татко и дедо, Спасе.

Македонците во Албанија загубија еден од најголемите поборници за остварување на нивните права. Неговото творештво и долгогодишна работа за остварување на правата на Македонците во Албанија се патоказа за младите Македонци како се сака својата нација. Како основач и претседател на организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа”, основач и Главен уредник на весникот “Преспа”, и основач на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, Спасе Мазенковски, даде голем придонес во борбата за остварување на правата на Македонците во Албанија и за зачувување на националниот идентитет. Нека почива во мир. – стои во соопштението на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).