
Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) го поздравува изборот на г-дин Клодиан Брахо за нов шеф на Специјалната структура против корупцијата (СПАК). Раководењето со оваа структура претставува висока одговорност и значајна можност за дополнително зајакнување на довербата на граѓаните во правосудството и владеењето на правото во Албанија.
МАЕИ очекува СПАК со приоритет да го истражи незаконското издавање на уверенија за бугарско потекло од албанските локални институции, како и влијанието што групите посредници за бугарски пасоши го извршија врз процесот на пописот во 2023 година на целата територија на Албанија. Овие групи ја злоупотребија својата моќ и врски за да постават свои попишувачи, при што вршеа притисоци, закани и поткуп врз албанските граѓани со цел да ги принудат да се изјаснат како Бугари и да ги манипулираат податоците од пописот.
Дополнително, бараме истрага за незаконските активности на фондациите од Бугарија, кои делуваат со цел асимилација на автохтоната македонска заедница во Албанија, загрозувајќи го нејзиниот идентитет, култура и права.
Последниот попис во Албанија се одвиваше под силни притисоци и директни вмешувања од групи и институции од Бугарија. Пред и за време на пописот, МАЕИ континуирано ги пријавуваше притисоците од посредниците за бугарски пасоши, од Амбасадата на Бугарија, како и од екстремистички групи и различни фондации од Бугарија, кои добија поддршка и од дел албански државни службеници, со јасна цел да се манипулираат резултатите од пописот.
МАЕИ останува посветена на заштитата на правата на македонската заедница во Албанија и на барањето транспарентност и законитост во секој процес што го засега нашиот идентитет и нашата иднина.
Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ)
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden