
Со длабока почит, делегација на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) положи свежо цвеќе на споменикот во Долна Горица, подигнат во чест на трагичниот настан – протерувањето на Македонците од преспанското село Горна Горица на 14 март 1933 година.
На овој ден, пред 93 години, во раните утрински часови, камиони со жандарми влегле во селото и започнале брутална акција. Со вперени пушки влегувале во куќите, им ги гаснеле огништата на селаните и со сила ги терале луѓето да ги напуштат своите домови. Луѓето излегувале полуголи и боси, носејќи со себе само она што можеле да го понесат на грб.
Сведоштвата зборуваат за сцени кои и денес ја стегаат душата – во бунарите биле фрлани пцовисани кучиња за да се оневозможи користењето на водата, а жителите, оттурнати од своите вековни огништа, ги бакнувале своите куќи, прагови и земјата од која биле насилно избркани.
Македонците од Горна Горица од 1924 до 1933 година воделе долги судски процеси пред албанските судови, не признавајќи го за сопственик на селото Малиќ бег Фрашери. Иако на почетокот ги добиле судските процеси, со поддршка на тогашните власти, особено на кралот Ахмед Зогу, Малиќ бег Фрашери станал сопственик на селото и со сила ги протерал Македонците од нивните вековни домови.
Нивната голгота завршила со трајно населување во Македонија, но болката и сеќавањето на неправдата остануваат дел од нашата колективна меморија.
Денес се поклонуваме пред нивната жртва, пред нивното достоинство и пред нивната борба за правда.
Да се сеќаваме, да раскажуваме и да учиме од историјата, за никогаш повеќе да не се повтори ваква неправда.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden