Македонска алијанса за европска интеграција со честитка до министерката Спиропали за новата функција (ФОТО)

Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) испрати честитка до министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, по повод нејзиното назначување на ова високо државно место.

Во писмото, потпишано од претседателот на партијата, Васил Стерјовски, се наведува дека изборот на Спиропали претставува „големо признание за нејзината работа и значајна одговорност во водењето на надворешната политика и процесот на европска интеграција на земјата“.

Стерјовски истакнува дека македонската заедница во Албанија со години укажува на важноста од усогласување на стандардите за третман на Македонците во Албанија и на Албанците во Македонија, како суштински елемент за продлабочување на односите на добрососедство.

Во честитката се нагласува и важноста на образованието на мајчин јазик, застапеноста во јавниот живот, употребата на јазикот и азбуката, како и економскиот развој на подрачјата каде што живеат малцинствата.

„Убедени сме дека за време на вашиот мандат, Министерството што го водите ќе продолжи да ги зајакнува односите на добрососедство меѓу Албанија и Македонија, паралелно со почитување и унапредување на правата на заедниците според европските стандарди“, се вели во писмото на МАЕИ.