Македонската Алијанса ја осудува бугарската асимилаторска политика кон Македонците во Албанија

 

Македонската Алијанса во целост го поддржува протестот и барањата кои Македонското Друштво „Илинден“ од Тирана-огранокот на Голо Брдо ги упати до Владата на Зоран Заев и Никола Димитров. Бугарските власти продолжуваат со својата големо националистичка и асимилаторска политика за негирање на Македонскиот национален идентитет. Посетата на Илијана Јотова на Македонско село во Албанија, каде ветува отворање на училишта за изучување на Бугарски јазик е сериозна провокација која потврдува дека Договорот за добрососедство е штетен за Македонија и Македонскиот народ.

Со кукавичкото признавање на непостоечко Бугарско малцинство во Албанија се изврши геноцид врз нашите браќа и сестри Македонци кои живеат во Албанија. Европскиот Парламент направи огромна неправда кога ја прифати иницијативата на негаторите на Македонскиот идентитет, Бугарските Европратеници, Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, за признавање на непостоечко Бугарско малцинство во регионите на Преспа, Голо Брдо и Гора.

Македонската Алијанса е сигурна дека Бугарските власти нема да застанат тука! Прашање на време е кога ќе го отворат прашањето за имателите на Бугарски пасоши во Македонија. Нема воопшто да бидеме зачудени ако побараат и вметнување на Бугарско малцинство и во нашиот Устав.  Актуелната Влада не може да остане нем набљудувач на овие негаторски и дволични политики на Бугарија. На нашите браќа и сестри во Албанија им е потребна потпора од Татковината. Вицепремиерот Бујар Османи наместо да оди во Атина, треба заедно со својот шеф Али Ахмети веднаш да замине во Тирана и заедно да побараат од Еди Рама да се врати поранешната територијална организација според која Македонците имаа повеќе Општини и поголема автономија и политичка моќ.

Ако Бугарските власти навистина сакаат да ги затворат отворените билатерални прашања со Македонија, тогаш во Договорот ќе го признаа Македонскиот национален идентитет и ќе се согласеа да ги спроведат пресудите на Европскиот Суд за човекови права и ќе прифатеа конечно да го регистрираат ОМО Илинден – Пирин. Брзањето на Софија што е можно побрзо да биде ратификуван овој Договор укажува дека актуелната Влада во Македонија попушта несразмерно многу и прифати одредби кои ќе направат поширока штета.

Македонската Алијанса уште еднаш предупредува дека евентуална ратификација на ваков Договор од наша страна ќе и даде дополнителен мотив на официјална Атина да ни го зададе последниот удар, со аргументација дека ние самите сме се откажале од нашиот национален Македонски идентитет. Затоа, доколку Договорот за добрососедски односи со Бугарија, во ваква форма на сила се ратификува во Собранието, Македонската Алијанса со сите политички средства ќе се бори Македонија еднострано да го раскине Договорот, повикувајќи се на членот 13, точка 3 од истиот.

Advertisement