Македонската држава, малцинства и дијаспора се едно национално ткиво

Доколку се земат предвид постојаните негирања на македонскиот идентитет и јазик од страна на Софија, како и обидите за создавање вештачко бугарско малцинство во земјите што ја опкружуваат Македонија, очигледна е потребата од координација на македонската нација, без разлика на местото на живеење, нагласуваат експертите.

Македонската држава, малцинства и дијаспора се едно национално ткиво

Експертите и познавачите на состојбите посочуваат дека како да постои одредена неусогласеност помеѓу активностите на Македонија како матична држава, македонските национални малцинства во соседните држави и дијаспората низ светот. Непостоењето на доволна усогласеност за одредени суштински прашања што ја засегаат целата македонска нација може да предизвикува антагонизам помеѓу македонскиот народ што живее во матичната држава, македонските малцинства и дијаспората. Од една страна, македонските малцинства од околните држави посочуваат дека ја немаат поддршката на матичната држава, а од друга страна дијаспората нагласува дека македонската држава многу ретко ги зема предвид нивните ставови за прашањата од национален интерес. Експертите нагласуваат дека во овој момент најмалку ни си потребни поделби, особено ако се земат предвид постојаните негирања на македонскиот идентитет и јазик.

И покрај пројавениот антагонизам, претставниците на малцинствата и дијаспората се согласни дека соработката мора да се продлабочи, нагласувајќи дека Македонија како држава мора да ги земе предвид нивните барања и потреби. Истовремено се нагласува потребата од пошироки консултации на македонската држава со Македонците низ целиот свет за суштински и значајни прашања што се однесуваат на македонските национални интереси, особено потребата од поширока координација помеѓу македонската држава, македонските национални малцинства и дијаспората, за заштита на националните интереси.
Доколку се земат предвид постојаните негирања на македонскиот идентитет и јазик од страна на Софија, како и обидите за создавање вештачко бугарско малцинство во земјите што ја опкружуваат Македонија, експертите нагласуваат дека е очигледна потребата од координација на македонската нација, без разлика на местото на живеење.

Неколкупати досега претставниците на македонските малцинства во околните држави ја нагласија потребата од поддршка и помош за остварувањето на малцинските и човековите права. Но тие нагласуваат дека помошта што пристигнува од македонската држава не е доволна и финансиски најмногу се помагани од македонската дијаспора што живее во Канада, Австралија и Швајцарија. За потребата од координација и усогласеност помеѓу матичната држава и Македонците што живеат во околните држави или подалеку беше посочено неколкупати досега.

Македонското национално малцинство треба да биде голем приоритет на македонската влада, државните институции и приватните компании, како и на целата македонска нација. Македонската држава е столбот на македонското национално малцинство и македонското национално малцинство е столбот на македонската држава – вели Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“-Тирана.

Македонците што живеат надвор од границите, вклучувајќи ги и малцинствата и дијаспората, не се секаде со исти сили, но важноста на сите е еднаква. Душан Јаневски, претставник на Македонскиот светски конгрес во Србија, вели дека сме еден народ и мора да има солидарност ако целта е зачувување на татковината и дијаспората. Јаневски исто така ја нагласува потребата од засилувањето на напорите на македонската држава за унапредување на македонските национални права во соседните држави.

Дијаспората ја гледам како една целина кога е во прашање етносот, но сѐ друго не е исто. И ние од околните земји сме иселеници (дијаспора). Ние не сме во иста положба со македонската дијаспора што живее во прекуокеанските држави, која е финансиска независна. Ние ги немаме истите можности како и македонската дијаспора. Осудени сме на асимилација. Кај сите етноси проблемите се исти, сепак само Македонија не се грижи за својата дијаспора од околните земји. Сите други земји целосно ги финансираат своите малцински заедници и со тоа го фаворизираат својот етнос – вели Душан Јаневски. Јаневски исто така посочува дека македонските малцинства се оставени сами на себе и осудени на исчезнување. Нашиот број забрзано се намалува од попис до попис, а асимилираните ни стануваат непријатели на нас што сакаме да се кажуваме како Македонци – вели Јаневски.

За оваа проблематика Игор Аврамовски Александров, еден од претставниците на македонската православна заедница во Австралија, вели дека македонските малцинства имаат посебна можност да придонесат за подобрување на односите меѓу македонскиот народ и историски антагонистичките православни соседи. Според Александров, со нив, од аспект на обичниот народ, имаме многу повеќе заеднички вредности и интереси одошто разлики.

Но тоа мора да се прави преку поширока консултација со македонски активисти низ целиот свет за да има плод, барем колку да не нѐ поткопуваат поради недоразбирања. Така ќе се намали и проблемот со Македонците што се асимилираат во соседните нации и притоа стануваат антимакедонци – вели Игор Аврамовски Александров./www.novamakedonija.com.mk/Д. Ст.

Advertisement