Македонската фудбалска репрезентација 4-0 против Лихтенштајн

Македонската фудбалска репрезентација на најубав начин ги заврши мундијалските квалификации за пласман на СП 2018 во Русија со убедлив триумф со 4-0 против Лихтенштајн вечерва на стадионот „Младост“ во Струмица.

Црвено-жолтите со оваа победа потврдија дека новата генерација има голем напредок, затоа што Македонија освои во оваа група 11 бода, колку што во претходните два циклуси вкупно освои најсилниот национален тим (за Евро 2016 – 4, за СП 2014 – 7), па сега од оваа селекција се очекува далеку подобри резултати во следниот циклус за Евро 2020 и во новоформираното натпреварување Лигата на нации.

Со оваа победа, Македонија во овој циклус забележа три победи и две ремија во пет меча, а несреќно загуби бодови на четири други меча, што ги спречи бодовното конто да биде уште поголемо и оваа селекција да има многу подобар пласман од претпосленото место на табелата. Како одигра Македонија во овие квалификации, а посебно во оваа година, дефинитивно Макеоднија не заслужува да биде претпоследна, затоа што Израел и Албанија во Скопје земаа бод(ови) со многу среќа.

Две минути им требаа на македонските фудбалери за да го скршат бункерот на аутсајдерот, откако повеќе од половина час се обидуваа да стигнат до гол, но не успеваа да најдат начин за да ја пробијат двојната дефанзивна линија на противникот. Висар Муслиу со својот првенец за Македонија по корнерот на Езџјан Алиоски го донесе посакуваното водство во 36-та минута, а 120 секунди подоцна Александар Трајковски стигна до третиот гол во низа за да го дуплира водството по акцијата со Горан Пандев и Алиоски на мал простор.

По исто сценарио Македонија даде уште два гола во средината на вториот дел, откако сликата ан „Младост“ не се смени. Македонија напаѓаше, Лихтенштајн се бранеше, па по соло-акцијата на Трајковски, Енис Барди сочека волеј за рутински трет гол за Македонија во 66-та минута, а три минути подоцна Аријан Адеми, кој по две години пауза поради допинг се врати на терените и постигна вистински еврогол, поминувајќи петмина противнички играчи за да погоди во мрежата.

Advertisement