Македонската фудбалска репрезентација ја победи Белорусија со убедливи 3-0

 

Македонската фудбалска репрезентација ја победи Белорусија со убедливи 3-0. Нова победа за македонската фудбалска репрезентација, овој пат триумф над селекцијата на Белорусија со убедливи 3-0 во пријателски натпревар. Мечот започна претпазливо и од двете страни, но како одминуваше така почнуваа да се загрозуваат двата гола. Првата шанса ја имаше Белорусија преку Радионов, но Димитриевски одлично го одбрани неговиот удар.

За Македонија, Несторовски пропушти фантастична прилика, убаво го лобуваше гостинскиот голман со глава, но топката заврши во пречката. Резултатот беше отворен во 40. минута кога Спировски упати еден удар од далечина кој заврши во мрежата на Белорусија. Македонската репрезентација тргна офанзивно и во второто полувреме, почнаа да се редат шанси. Пандев имаше еден одличен пробив, биеше силно, но само во голманот Гутор.

Сепак не помина долго а Пандев ја тресеше противничката мрежа. Во 61. минута одлична асистенција од Алиоски, македонскиот капитен реализира со глава за водство на Македонија од 2-0. Само осум минути подоцна нов гол на Горан Пандев, овој пат по асистенција од нововлезениот Тричковски. Пандев одигра одличен меч со два гола и неколку прецизни проигрувања.

Во финишот од натпреварот во игра влезе и младиот Дарко Чурлинов кој со 16 години и осум месеци стана најмладиот играч кој дебитирал за сениорската репрезентација на Македонија. На крајот нашите фудбалери сосема заслужено се радуваа на уште една победа за Македонија изборена во одлична игра со повеќе шанси за погодок

Advertisement