Македонската православна заедница во Австралија бара слобода за Едмонд Темелко

 

 

Македонската православна заедница во Австралија бара слобода веднаш, за Едмонд Темелко, водач на борбата за човекови права и заштита на македонскиот етнитет во Албанија, кој е притворен без пресуда и без транспарентно оправдано обвинение! Македонската православна заедница во Австралија смета дека Едмонд Темелко не можел да биде соучесник во изборен фалсификат во Република Македонија, затоа што никогаш не бил носител на државна функција во Република Македонија! Од оние кои биле на државна функција со можност незаконски да регистрираат гласачи, никој не е јавно обвинет и притворен!

Македонската православна заедница во Австралија смета дека Едмонд Темелко, како и секој друг Македонец, имал право да лобира кај Македонците во Мала Преспа да се регистрираат за гласање во Република Македонија, како и да ги организира во гласањето, ако претставници на државните институции во Република Македонија му укажале дека тоа е дозволено. Ако Македонците од Мала Преспа, на чело со Едмонд, мислеле дека тоа е незаконско, не би го правеле јавно, за да им дадат прилика на новојаничарските орди јавно да ги линчуваат и исмејуваат. Ниту пак противниците на нивното учество на локалните избори во Република Македонија укажаа на некакви кривични дела во тоа време, иако ја покажуваа својата омраза кон сѐ што е македонски слободарско определено, особено од деловите на Македонија под странска окупација и од дијаспората.

Македонската православна заедница во Австралија порачува дека Македонците во насилно окупираните делови на Македонија треба да имаат право на македонско државјанство затоа што создавањето на Македонската држава на дел од македонската етнографска територија е дело на заедничката македонска борба за слобода и самостојност во сите делови на Македонија. И сигурно имаат повеќе морално право на македонско државјанство и учество на избори, отколку што имаат стотиците илјади Косовари, кои добија македонско државјанство без транспарентна законска основа, иако не се сметаат за Македонци по националност (во современа смисла на зборот, како што Македонците со австралиско државјанство се и Австралијанци и Македонци), или од албанската национал-шовинистичка дијаспора, која редовно учествува на избори во Македонија без никаква контрола, иако, со ретки исклучоци, не се смета за македонска дијаспора и се залага за отцепување на делови од Македонија кон Голема Албанија. Македонската православна заедница во Австралија апелира: Стоп за повампиреното македонско јаничарство! Стоп за криминалната злоупотреба на полицијата, обвинителството и судството! – стои во соопштението на Македонската православна заедница во Австралија.