Македонската репрезентација до 18 години победи над Словачка 

 

Македонската репрезентација до 18 години на денешниот втор натпревар од турнирот во Чешка ја совлада селекцијата на Словачка со 3-2.

Во интересен натпревар со многу голови и пресврти резултатот го отвори Словачка која преку Томаш Риго уште во 5та минута поведе со 1-0. Но, пресврт следеше веќе во првото полувреме кога Фета изедначи во 25та минута, а Станковски 4 минути подоцна погоди од белата точка за водство од 2-1.

Во второто полувреме, Словачка изедначи на 2-2, но нашите репрезентативци преку Илиевски го поставија конечниот резултат во 82 минута, и тоа со играч помалку по исклучувањето на Максимов.

Сакам да им честитам на фидбалерите за победата. Покажаа карактер по вчерашниот несреќен пораз. Одиграа храбро, пожртвувано и заслужено победија на овој натпревар. Оваа екипа има потенцијал, кој допрва ќе дојде до израз. – изјави селекторот Шкумбин Арслани по денешната победа.

За македонската репрезентација настапија: Иван Николоски, Бенјамин Далипи, Алтрим Јакупи, Имран Фетаи, Александар Ѓуркоски, Димитар Тодоровски, Љавдрим Љатифи (Иван Николов), Лука Станковски (Хамза Рамани), Бехар Фета (Виктор Крстевски), Методи Максимов, Азер Омерагиќ (Марио Илиевски).

По фазата по групи, македонската репрезентација е втора, зад Украина. Во мечот за третото место кој ќе се одигра на 24. август во 11.00 часот ќе се сретнеме со второпласираните од другата група – Унгарија. Во истото време Словачка и Летонија ќе ги одмерат силите за 5то место, додека финалето за освојувач на турнирот ќе се одигра во 16.00 часот меѓу домаќинот Чешка и Украина.