Македонската репрезентација освои третото место на 43-тото издание на традиционалниот меморијален турнир “Бранко Хаџииљоски – Чајка”

Македонската репрезентација оствари голема победа над Бугарија со 3:0 (25:23, 25:21 и 25:19) и го освои третото место на 43-тото издание на традиционалниот меморијален турнир “Бранко Хаџииљоски – Чајка”. По вчерашниот пораз од Украина во полуфиналето, селекторот Никола Матијашевиќ се реши да почне со Ѓорѓи Ѓорѓиев на позиција техничар, Владо Милев како примач и Филип Маџунков на среден блокер. Делувавме подобро, Бугарите калкулираа и почнаа без нивниот најдобар играч Цветан Соколов, влегоа во нервоза и не можеа да ни парираат. Никола Ѓорѓиев освои 16, Љафтов 11, а Милев 9 поени. Кај Бугарија, Розалин Пенчев заврши со 12, а Соколов со 9 поени.

Оваа победа над Бугарија ја зголеми самодовербата кај македонските одбојкари коишто претходно загубија три од четирите контролни средби. До среда ќе тренираат во Скопје, а потоа ќе одиграат два натпревара со Австрија во Сент Полтен, како последна подготовка за настапот на Европското првенство во групата во Љубљана од 12-ти до 18- ти септември.

Украина го освои првото место на турнирот “Чајка” откако во финалето ја совлада Белгија со 3:1 (25:22, 22:25, 25:20, 25:22). За најдобар играч беше прогласен украинскиот капитен Олег Плотнитскиј, а за најдобар техничар нашиот организатор на играта Ѓорѓи Ѓорѓиев.