Македонски клуб „Илинден“ од Латцен-Хановер свечено го отвори училиштето на македонски јазик

Фото: Македонски весник “Илинден”

Македонски клуб „Илинден“ во Латцен-Хановер, Сојузна Република Германија официјално го отвори училиштето на македонски јазик, наменето за децата од македонската дијаспора. Овој значаен проект има за цел зачувување, негување и пренесување на македонскиот јазик, култура и национален идентитет на помладите генерации кои растат надвор од татковината Македонија, истакна претседателот на клубот, Живко Лазаров.

Наставата во училиштето ја води Кристина Петковска и ќе опфаќа изучување на македонската азбука, основите на читање и пишување, како и запознавање со македонската историја, традиција, фолклор и обичаи. Програмата е прилагодена според возраста на учениците, со едукативен и интерактивен пристап кој поттикнува љубов кон мајчиниот јазик и културното наследство.

Фото: Македонски весник “Илинден”

Од клубот посочуваат дека отворањето на училиштето е резултат на долгогодишна желба и посветена работа на членовите, како и на поддршката од родителите и пошироката македонска заедница во регионот. Нагласуваат дека ваквите иницијативи се од исклучително значење за одржување на врската со корените и за јакнење на чувството на припадност кај младите Македонци во дијаспората.

„Нашата цел е децата да го научат и да го засакаат македонскиот јазик, да ја запознаат својата историја и култура и да изградат силен македонски идентитет, без разлика каде живеат“, порачуваат од раководството на клубот.

Отворањето на училиштето беше поздравено од бројни членови на заедницата, кои ја истакнаа важноста на ваквите образовни и културни активности како мост меѓу Македонија и дијаспората. Со оваа иницијатива, клубот уште еднаш ја потврдува својата улога како активен чувар на македонската традиција и култура во Германија.