Македонскиот амбасадор Данчо Марковски оствари средба со градоначалникот на Општина Корча Сотираќ Фило

Македонскиот амбасадор Данчо Марковски денеска во просторите на Општина Корча оствари средба со градоначалникот на Општина Корча Сотираќ Фило. На средбата се разговара за можностите за унапредувањето на регионалната соработка со непосредно поврзување на регионот Корча со Охридскиот и Битолско – Прилепскиот регион преку размена на конкретни иницијативи.

На средбите со градоначалникот Сотираќ Фило, во фокусот на разговорите беа прашањата за меѓурегионалната соработка од областа на економијата, земјоделство, туризмот и културата. Договорено е во блиска иднина да се организира бизнис настан во Корча, со цел меѓусебно поврзување на компаниите од двете земји, како и надградување на веќе постојната културна соработка преку учество на македонски уметници на културните настани во Корча и Мала Преспа.

Во делот на туризмот беше истакната потребата за преземање иницијативи за информирање на туристички агенции од двете страни коишто би биле заинтересирани за да понудат заеднички туристички аранжмани за регионот Охрид, Преспа и Корча. Нагласена беше потребата за ревитализација на бродските линии на охридското и преспанското езеро, во насока на зголемениот интерес и статус што на овој езерски басен му се придава во последниот период.

Амбасадорот Марковски на средбите беше придружуван од пратеникот во албанскиот Парламент и претседател на Македонската алијанса за европска интеграција, партија на Македонското национално малцинство во Република Албанија, Васил Стерјовски.