
Поттикнувањето на економско-трговската соработка помеѓу Република Албанија и Република Македонија, разгледување на можностите и потенцијалот за подигање на нивото на туристичката соработка, како и сообраќајното поврзување на двете земји, беа главните акценти од денешната посета на Драч на амбасадорот Данчо Марковски, информираа од македонската амбасада во Тирана. Марковски во Драч бил придружуван од министерот- советник Сашко Ташулов и вториот секретар Блерта Сали.
На средба со градоначалничката на Драч, Емириана Сако, беа разменети идеи и можности за зајакнување на соработката во областа на економијата, културата, образованието и други области. Беше договорено во иднина да има учество на македонски артисти и културни групи на меѓународни културни активности кои се одржуваат во Драч, стои во објавата на амбасадата. Се додава дека Драч е збратимен со Куманово, па оттука се истакнало значењето да се ревитализира ова соработка.

На Средба со Претседателот на стопанската и индустриска комора на Драч, Албан Истери била нагласена важноста за интензивирање на меѓусебните контакти на коморите на двете земји, преку заеднички организирани настани (Б2Б и сл) со цел зајакнување на економската соработка, а и зголемување на трговската размена. Директорот Истери, информираше дека во моментот гледа голем потенцијал за македонските фирми во соработка со албанските фирми да се фокусираат за извоз на нивните производи во земјите на ЕУ, а посебно во Италија, со која Албанија веќе има добра соработка, наведуваат од амбасадата.

За време на престојот во Драч, остварена е средба и со генералниот директор на пристаништето, Пиро Венгу, кој ифнормирал за начинот како функционира пристаништо, а информирал и за големата инвестиција од ЕМАР за изградба на новото пристаништво на Драч. Биле разгледани и можностите што поголем број македонски фирми да го користат ова најголемо албанско пристаниште.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden