
Пораки со честитки за импресивната победа на републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трамп на 47-те претседателски избори во САД упатија македонскиот државен врв и опозициските лидери. Сите со очекување да се продлабочи стратешкото партнерство меѓу двете земји.
Покрај светските лидери и македонските политичари испратија срдечни честитки, набрзо откако републиканскиот кандидат Доналд Трамп на 47-мите претседателските избори во Соединетите Држави изјави дека ја победил неговата соперничка демократската кандидатка Камала Харис. Трамп се обрати пред неговите поддржувачи во Палм Бич, Флорида, оценувајќи дека ова е „политичка победа каква што Америка нема видено досега“, а вети и дека следува „златно доба за Америка“.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова му посака на Трамп „многу успех во извршувањето на одговорната функција“.
„Македонија како докажан пријател и партнер на САД ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот“ напиша таа.
Сиљановска Давкова очекува стратешкото партнерство да се унапреди и САД да помогнат во исполнувањето на македонските стратешки цели.
Премиерот Христијан Мицкоски ја испрати честитката веднаш по обраќањето на Трамп пред поддржувачите во Палм Бич.
„Оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата. Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи“, вели Мицкоски во честитката.
Тој додава дека „Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион“.
Кон честитките на државниот врв се приклучи и претседателот на Собранието, Африм Гаши кој посочи дека овој значаен момент ја одразува силата на американската демократија.
„Непоколебливата посветеност на САД за безбедноста, просперитетот и евроатлантската интеграција на Македонија беше и останува еден од клучните столбови на нашата надворешна политика и постојан извор на поддршка“, напиша собранискиот спикер на неговиот профил на Фејсбук.
Со честитка за победата на Трамп се огласи и лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Убеден сум дека под негово водство стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија ќе продолжи и ќе се продлабочи. Македонија и Соединетите Американски Држави имаат долгогодишни врски на пријателство и соработка, и верувам дека тие ќе се развијат уште повеќе, кон наш взаемен напредок и благосостојба“, напиша Филипче.
Гласањето за нов претседател на САД помина во атмосфера исполнета со напнатост и исчекување.
Покрај на претседателски, дел од гласачите ширум САД гласаа и за избор на нови членови на Конгресот, за гувернери, за составите на локалните парламенти и совети, а во некои сојузни држави се одржуваат и референдуми за одредени прашања, како што е правото на абортус.
Со победите во Западна Вирџинија и Охајо, Републиканската партија ја освои контролата над американскиот Сенат. За Претставничкиот дом, кој во моментов исто така е под контрола на Републиканците, пак, сè уште нема јасна слика која партија е во предност.
Новиот претседател треба да ја презеде должноста во јануари 2025 година.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden