Македонскиот јазик и култура влегоа како дел од наставата програма на Нов Јужен Велс

Новата наставна програма за изучување на Македонскиот јазик во училиштата во Нов Јужен Велс, вчера, свечено им беше предадена на претставниците на “Македонскиот просветно-училишен одбор на Нов Јужен Велс”, во седиштето на Националното тело за стандарди во образованието.

Македонскиот јазик е еден од петте јазици, за кои беше изработена официјална програма, а по која учениците во државата ќе го изучуваат јазикот од следната година.

Државната министерка за образование, Сара Мичел претходно објави, дека сега учениците ќе можат да изберат да изучуваат еден од јазиците според новата наставна програма од забавиште до 10-то одделение, но не само јазикот, туку и културата на заедниците, хиндуската, македонската, персиската, пенџабската и тамилската.

Наставните програми се креирани како дел од програмата на училиштата, во која се изучуваат јазиците на заедниците, а која беше најавена од премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклиан.

Наставниците Жаклина Михајлова и Благоја Јосифовски ја примија новата официјална програма по Македонски јазик во Нов Јужен Велс.

Пресреќни сме, бидејќи една традиција грижливо негувана во Македонската заедница и покрај се’ и после се’ стана дел од официјалниот живот на австралиското општество. Им благодариме на австралиските власти за разбирањето и почитувањето на идентитетот на Македонската заедница во Австралија, – изјавија наставниците Жаклина Михајлова и Благоја Јосифовски.