Македонскиот културен центар во Софија ќе го одбележи Европскиот ден на јазиците

Европскиот ден на јазиците, празник прогласен од Советот на Европа и поддржан од Европската унија на 6 декември 2001 година, оваа  година во Софија ќе биде одбележан со манифестацијa во Националниот музеј „Земјата и луѓето“  на 26 септември, со почеток од 17:00 часот.

КИЦ на Македонија во Софија за трета година по ред ќе учествува на оваа значајна манифестација, која има за цел да го одбележи Европскиот ден на јазиците со разнородна програма за посетителите. Тие ќе имаат можност да учествуваат во интерактивни игри со сложувалки и цртежи, крстозбори, блиц квизови, демонстративни бесплатни часови, “speak dating”. Освен можноста да бидат научени нови зборови на различни јазици, има предвидени и подароци за присутните.

На штандовите определени за 17 јазици, посетителите ќе имаат можност да научат интересни факти за европските јазици и идни културни настани, а исто така, ќе имаат можност да поразговараат со претставници на различните културни центри на различни теми – музика, природа, култура, културно наследство. Штандот на КИЦ на Македонија во Софија ќе биде претставен од режисерот и актер Ѓорги Ѓоргиев – Антика со своја програма.

Настанот е иницијатива на мрежата на културните центри на земјите од Европската унија  и европската комисија, во организацја на: Британски совет, Чешки центар, Институт Сервантес, Европска комисија ГД „Писмени преводи“, Француски Институт, Гете Институт, Центар за развој на Човечките ресурси, Унгарски Културен Институт, Италјански Културен Институт, Полски институт, Амбасада на Австрија, Амбасада на Финска, Амбасада на Словачка, Амбасада на Шведска, Амбасада на Романија, ОПТИМА, Португалски културен и јазичен центар, Културно-информативен центар на Република Македонија во Софија, Амбасада на Грузија, Амбасада на Норвешка, Амбасада на Данска, Амбасада на Хрватска, Руски културно-информативен центар.