Македонскиот поет под заштита на УНЕСКО: Кочо Рацин и официјално е признат за светско културно наследство

Требаше да поминат триесетина години и уште толку изданија на Рациновите средби, а јавноста да ја чуе веста, која на годинешното издание на оваа поетска манифестација ја соопшти писателот и професор Људмил Спасов, дека Кочо Рацин и официјално е признат за светско културно наследство..

Оваа информација како да им беше ветар во грб и на учесниците и на организаторот на 56 тите рацинови средби, кои викендов завршија во Велес, па посетителите со право ги прогласија за едни од најдобрите во последните неколку години. На свеченото затворање, писателот Венко Андоновски го прими највисокото рациново признание, за неговата книга раскази „Припитомување на кучката“.

Во својот говор, Андоновски ја објаснуваше врската меѓу Рацин и бог, издигнувајќи го поетот на ниво на божество. Каде е божјото во Рацин, реторички праша Андоновски и даде одговор: во тоа што е бог.

Почесното рациново признание го прими поетот во дипломатски костум, како што го нарекуваат словенечкиот амбасадор во Македонија, Милан Јазбец. Неговата книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ напишана и на македонски јазик, му го донесе високото признание..

Претходно, двајцата лауреати посадија дрва во рациновата шума во близина на костурницата, која е и вечното почивалиште на поетот. На 56-тите Рацинови средби се одржаа и неколку промоции на книги и изложби, а во двете вечери концерти одржаа групата „Монистра“ и Драган Даутовски.

Advertisement