Македонскиот весник “Илинден” од Тирана, Република Албанија упатува искрени честитки за 80-годишниот јубилеј на дневникот “Нова Македонија”, како прв национален весник, издаден пред 80 години во слободна Македонија, на македонски јазик и неговото кирилско писмо.
Скромно е да се каже дека дневникот “Нова Македонија” беше и остана бренд на Македонската држава!
Немерлива е улогата на весникот “Нова Македонија” во презентацијата и афирмацијата на цивилизациските и културолошките вредности и креации на Македонците како целина, како и дострелите на поединци и групи, што претставува значаен удел во светската богата ризница на информации.
Осамостојувањето на Република Македонија нужно донесе трансформација и на статусот на весникот “Нова Македонија”, меѓутоа креативниот дух на весникот, неговата сериозност и стабилност го потврдија за достоен на времето во кое живееме, ослободен од разни влијанија и подметнувања, од дезинформации и јазикот на омразата, и од ирационални конфротации.
Македонскиот весник “Илинден” негува соработка со дневникот “Нова Македонија”, со што стана прв весник на Македонците во Република Албанија и Балканот кој е дел од порталот “Нова Македонија“. Македонски весник “Илинден” годинава му додели Награда “Илинден” за делото и творештвото на дневникот “Нова Македонија”, веруваме дека соработката во интерес на вистината ќе продолжи и понатаму.
Со почит,
Никола Ѓурѓај
Преседател на Македонско друштво “Илинден”–Тирана и Уредник на Македонскиот весник “Илинден”