Mакедонските фудбалери пречекани со песни и овации на скопскиот плоштад (ФОТО + ВИДЕО)

Македонските фудбалски репрезентативци вечерва беа поздравени од бројните навивачи собрани на плоштадот „Македонија“ во Скопје, на приредениот пречек за „црвено-жолтите“ по синоќешната сензационална победа над Италија (1-0) во Палермо, во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство во Катар.

Автобусот со македонските фудбалери помина низ Порта Македонија за да стигне пред љубителите на спортот кои со песни и знамиња го славеа триумфот над актуелниот европски првак Италија, додека се слушаа и зурли и тапани.

Присутните го скандираа и името на стрелецот на одлучувачкиот гол против Италија, Александар Трајковски, при неговото појавување заедно со дел од соиграчите, а одекнуваше и „сакаме на светско“ како порака пред решавачкиот дуел од баражот против Португалија на гости, во вторник.

Сакаме да ви се заблагодариме. Имаме уште еден меч, ви ветувам дека ќе дадеме максимум, исто како што дадовме и вчера. Фала ви уште еднаш – им порача на присутните капитенот Стефан Ристовски.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) претходно соопшти дека на пречекот ќе бидат присутни само неколкумина фудбалери, поради ковид-протоколите од Европската фудбалска унија (УЕФА)./Фото: Маја Јаневска-Илиева/www.novamakedonija.com.mk

 

Advertisement