Македонските песни од Албанија презентирани на руски симпозиум

Денес, на својот ФБ профил, м-р Андријана Јаневска објави една убава вест, која е значајна за нас, Македонците во Албанија. М-р Андријана Јаневска е првиот научник од Македонија кој ги сними изворните македонски песни од Македонците во Албанија, голема е сатисфакцијата дека овие песни се заштитени од нивен заборав или од нивно присвојување од други народи. М-р Андријана Јаневска своите истражувања и собирањето на музичкиот материјал ги направила на неколку локации. Во Тирана, со помош на Незир Меча и Никола Ѓурѓај, во Пустец и Леска во организација на Едмонд Темелко, и во областа Голо Брдо. Се надеваме дека наскоро ќе биде изготвен и нејзиниот докторски труд со што на пошироката македонска и светска јавност ќе и бидат достапни уникатните народни песни на Македонците низ Албанија.

Објавата на м-р Јаневска ја пренесуваме во целост.

Чест ми е да Ве известам дека денес со почеток во 17:50 часот ќе го презентирам мојот труд „Свадбата и свадбеното пеење кај Македонците од Мала Преспа” на Меѓународна научна конференција во Москва. Благодарност до мојата професорка д-р Родна Велисковска за поддршката! Благодарност и до проф. д-р Катерина Тодороска и Никола Ѓурѓај со чија помош ги снимив песните. Особено сум горда што пред целиот свет ќе ги претставам песните „Шенвај се мајко, шенвај се”, „Бојана седи на пенџер” и „Сокол ми лета високо” и ќе истакнам дека свадбените обреди кај Македонците од Мала Преспа се скоро идентични со свадбените обичаи на целиот македонски ареал. Според тоа може да се заклучи дека фолклорот на Македонците од Мала Преспа е неразделен дел од целокупниот фолклор на македонскиот народ.

 

Advertisement