
Во селото Ајтос, општина Лерин, на 15 јуни се одржа заедничко генерално собрание на 22 македонски културни, спортски и женски здруженија, кои со единствен глас ја изразија загриженоста за континуираните обиди за административно ограничување на македонските културни манифестации во регионот.
Во официјалната заедничка изјава, потпишана од сите здруженија учеснички, тие остро реагираат на бюрократските пречки и институционални обиди за забрана на традиционални настани, кои со децении се одржуваат во македонските села во Леринскиот регион.
„Традицијата не е кривично дело, македонските обичаи нема да згаснат“, порачуваат здруженијата, подвлекувајќи дека културните манифестации се единствената форма на забава и општествена кохезија во услови на невработеност, емиграција и сиромаштија.
Здруженијата посочуваат дека приходите од овие настани се користат за финансирање на аматерски спортски клубови, јавни потреби во селата и локални проекти, и дека нивната забрана претставува директен удар врз опстанокот на македонските заедници.
„Секој нов обид за забрана е напад врз нашата традиција, нашиот морал и нашите обичаи. Не прифаќаме лекции за патриотизам – вистинскиот патриотизам е да се бориш секојдневно за својата земја“, се наведува во изјавата.
Меѓу клучните барања што се упатени до државните и локалните институции се:
Поедноставување на административните процедури за организирање на културни настани.
Продолжување на работното време за време на фестивалите, согласно обичајното право.
Логистичка поддршка од општините за безбедно и организирано одржување на манифестациите.
Здруженијата ја потенцираат историската хармонија во регионот Лерин, каде различни етнички заедници со векови живееле заедно и апелираат до институциите да не дозволат поделби поттикнати од малцински структури со политички агенди.
„Регионот Лерин нема потреба да се плаши од луѓето кои играт рака за рака“, порачуваат потписниците.
Во случај на нов обид за забрана на фестивал или културна манифестација, најавуваат конкретни мирни мерки:
Собирање петиции по селата во одбрана на здруженијата;
Интервенции во општинските и регионалните совети;
Музички протест пред Полициската станица во Соровичево, со учество на македонски, понтиски, тракиски, влашки и арванитски музичари;
Повторно свикување на заедничко генерално собрание.
Одлуката е испратена до сите релевантни институции во државата – од премиерот и министрите, до регионалните гувернери, полицијата, обвинителствата, како и до локалните и националните медиуми.
Меѓу потписниците се здруженија од Ајтос, Соровичево (Аминтео), Овчарани, Склифрос, Келис, Леховитон, Пеларгос и други села, кои ја нагласуваат својата решеност да ги бранат македонската култура, идентитет и обичаи, како клучен дел од локалното и националното богатство./www.antropol.mk
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden