Македонското друштво “Илинден“-Тирана достави барање до Комитетот за национални малцинства на Албанија, да постави повеќејазична табла пред оваа институција, вклучително и на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Во барањето доставено до претседателката на Комитетот за национални малцинства, Константина Бежани, бараме таблата пред институцијата да биде повеќејазична, односно освен на албански и англиски името на институцијата да биде и на македонски и на јазиците на другите национални малцинства. Потсетуваме дека тоа веќе го направија Комесарот за заштита од дискриминација и Народниот правобранител, изјави за Македонски весник “Илинден“, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Се надеваме дека барањето ќе биде разгледано и прифатено, додава тој, и нагласува дека тоа е доставено и до другите две споменати институции, заради запознавање.
Како друштво по смената на еднојазичните со повеќејазични табли на споменатите две институции, оваа нивна одлука ја поздравивме и искрено се надеваме дека ваков чекор ќе преземе и Комитетот. Во барањето наведуваме дека Македонското друштво “Илинден“-Тирана е регистрирано во судот во Тирана на 6 февруари 2009 година и оти неговата мисија е заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство во Република Албанија, додава Ѓурѓај.
Комитетот за национални малцинства е владин орган, во кој членуваат претставници на националните малцинства, а претседателката Бежани е претставник на грчкото малцинство. Претставник на македонското национално малцинство во комитетот е Марјана Костофски.